ХАКЕРСКИ УДАР ВРЗ ФАБРИКА ЗА РАКЕТИ ВО БЕЛГРАД – тврди дека украл тајни документи и бара 70.000 евра

Vecer | 23.11.2026

ХАКЕРСКИ УДАР ВРЗ ФАБРИКА ЗА РАКЕТИ ВО БЕЛГРАД – тврди дека украл тајни документи и бара 70.000 евра
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Хакер ја нападнал белградската компанија „Едепро“ (EDePro), која произведува ракетни мотори и ракетни системи, дознава телевизијата „Н1“. Напаѓачот тврди дека украл голема количина доверливи податоци, меѓу кои техничка документација за оружје, деловни договори и лични податоци на вработените, а за нив бара откуп од 70.000 евра.

Според наводите, меѓу компромитираните податоци има технички цртежи за производство на оружје, инженерски спецификации, резултати од тестирања, електрични шеми и планови за идни проекти. Украдени наводно биле и деловна преписка, договори за доверливост, финансиски документи, лозинки на вработените, нивни лични документи и пасоши, како и доверливи материјали на раководството.

Хакерот тврди дека успеал да пристапи до целата компјутерска мрежа на компанијата, вклучително и до серверите на кои се чуваат резервните копии од податоците. Освен украдените информации, бара и пари во замена за администраторскиот пристап.

Телевизијата побарала одговор од „Едепро“, но компанијата не одговорила до објавувањето на информацијата.

Компанијата и претходно беше во центарот на вниманието поради неколку сериозни несреќи во фабричките погони. Во 2023 година се случила експлозија во производствен погон за ракетни погонски системи, при што биле повредени двајца работници. Во многу потешка несреќа во 2021 година загинале тројца работници, а биле повредени и 16 нивни колеги.

„Едепро“ привлече внимание и за време на воените судири меѓу Ерменија и Азербејџан во областа Нагорно-Карабах.

Тогаш азербејџанските медиуми објавија фотографии од ракети забележани во конфликтот, на кои, според нивните наводи, можело да се види дека станува збор за оружје произведено во белградската фабрика.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk