Притвор до 30 дена е одреден за сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и уште двајца вработени – директорот на Одделот за благајна и управување со готовина и соработникот за благајничко работење на Алта банка, објави Н1.
Судијата за претходна постапка на Високиот суд во Белград – Специјално одделение за организиран криминал денес донесе решение според кое на обвинетите Д.М., Г.М. и И.П. им се одредува притвор, којшто според одлуката може да трае максимум 30 дена, се вели во соопштението на судот.
„Притворот е определен од законски причини пропишани со одредбите од член 211 став 1 точки 2 и 3 од Законот за кривична постапка, односно затоа што постојат посебни околности што укажуваат дека ќе влијаат врз сведоци, како и поради постоење на посебни околности што укажуваат дека ќе го повторат кривичното дело за краток временски период, а за обвинетиот Д.М. и од законски причини пропишани со член 211 став 1 точка 1 од Законот за кривична постапка, односно поради постоење околности што укажуваат на ризик од бегство, наведува судот.
Сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, беше уапсен на 2 ноември по наредба на ЈТОК под сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на положбата на одговорно лице“ и прибавил нелегална финансиска корист во износ од околу 45 милијарди динари, односно подигнал тие пари од трезорот – што е повеќе од 380 милиони евра.
Уапсен е и директорот на Одделот за трезор и управување со готовина на Алта банка, Г.М. и соработникот за трезорско работење на Алта банка И.П., кои се осомничени дека му помагале на Мацура во извршувањето на кривичното дело.
На 31 октомври, Народната банка на Србија ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка, а на 3 ноември против неа беше прогласена стечајна постапка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата