Рокот за предлагање кандидати за нов словенечки премиер истекува денеска на полноќ, а речиси е сигурно дека пратеничката група на Словенечката демократска партија (СДС) ќе го предложи својот долгогодишен лидер Јанез Јанша. Со ова, тој на почетокот на јуни по четврти пат ќе застане на чело на словенечката влада. Ваквиот развој на настаните донесува неочекуван расплет на постизборната драма, која трае нешто повеќе од два месеци по парламентарните избори.
Досегашниот премиер и релативен победник на изборите, Роберт Голоб, со својата партија Движење Слобода заминува во опозиција бидејќи не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство, додека Јанша, иако тесно поразен на изборите, успеа да состави власт.
Пресвртот стана очигледен откако популистичката партија „Вистина“ (Ресница), предводена од новиот претседател на словенечкиот парламент Зоран Стевановиќ, потврди дека ќе го поддржи Јанша за премиер. Со нивните потписи, Јанша ќе го обезбеди неопходниот минимум од 46 пратеници за апсолутно мнозинство. Сепак, партијата „Вистина“ нема формално да влезе во новата десна коалиција, што значи дека идната влада на Јанша ќе биде малцинска, поради што многумина аналитичари сметаат дека таа би можела да биде со краток век.
Во новата десна коалиција, предводена од СДС на Јанша, влегуваат конзервативната Нова Словенија (НСи) со уште две помали партии, како и Демократите на Анже Логар. Логар, кој беше министер за надворешни работи во претходната влада на Јанша, минатата година ја напушти матичната партија за да основа своја. Сега се потврди дека тоа било само предизборен маневар со цел полесно да се собере мнозинство, што во голем дел од словенечката јавност веќе се коментира како чиста измама на гласачите.
Гласањето за новиот мандатар во парламентот се очекува до крајот на оваа недела. Изјаснувањето е тајно и за успех се потребни 46 гласови, што значи дека исходот од овој втор круг на гласање сепак ќе остане неизвесен до самиот крај. Доколку Јанша ја добива довербата, Словенија ќе има влада на почетокот на јуни. Во случај на неуспех, парламентот во рок од 48 часа може да гласа во трет круг, каде што е доволно само обично, а не апсолутно мнозинство. Ако и тогаш не се избере премиер, претседателката на државата ќе го распушти парламентот и ќе распише нови избори, што во моментов е најмалку веројатна опција.
Враќањето на Јанша на власт ќе означи и остро свртување на Словенија вдесно. Иако неговата СДС формално е членка на Европската народна партија (ЕПП), таа идеолошки е многу поблиску до радикалната десница отколку до десниот центар, што сигурно ќе донесе нови превирања и судири помеѓу Љубљана и Брисел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата