Бугарските власти разбиле неонацистичка организација, која се нарекувала „Кју-клукс-клан – Пловдив“ и чии членови ширеле расизам, омраза и насилство врз основа на етничката припадност и на сексуалната ориентација, објави „Новините“.
Во рамките на истрагата се обвинети 11 бугарски државјани, меѓу кои и четворица на возраст од 16 и од 17 години.
Организацијата била откриена во текот на истрагата за убиството на 37-годишниот Георги Кузев, кој на 4 август годинава бил убиен на Младинскиот рид во Пловдив. Според обвинителството, двајца од обвинетите за убиството покажувале интерес за членство во „Кју-клукс-клан“ и во друга екстремно десничарска организација, „Крв и чест“.
„Постојат докази дека двајца од обвинетите за убиството сакале да станат членови на организацијата. Иако не е утврдена директна поврзаност со организацијата ‘Крв и чест’, обвинетите биле познати по тоа што се движеле меѓу двете групи“, соопшти окружното Обвинителство.
Сепак, засега нема докази дека тие биле членови на групите, ниту дека организацијата била директно поврзана со убиството. Ниту еден од приведените во истрагата за екстремистичката група не бил на местото на злосторството, а можните врски меѓу двата случаи сè уште се проверуваат.
Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) соопшти дека 32-годишен невработен маж, со иницијалите Н.Ч., бил водач на организацијата. Тој е осомничен дека раководел со групата од јануари 2025 година до 16 ноември 2026 година, а останатите десетмина учествувале како членови.
Тепале нови членови за да ја докажат нивната лојалност
Според истрагата, групата имала строга хиерархија, посебни правила за комуникација и ритуали за прием на нови членови. Новодојдените биле тепани од поискусните членови за да ја докажат својата лојалност и подготвеност да ја прифатат екстремистичката идеологија.
Членовите користеле нацистички поздрави и шифрирани зборови поврзани со времето на Хитлер. Носеле војнички чизми, маскирна облека и тетоважи со симболи на екстремно десничарските движења. Тие најчесто се среќавале во ресторани и во барови во близина на Младинскиот рид, а комуницирале преку затворени интернет-групи.
Надлежните истражуваат и дали членовите напаѓале странски државјани поради нивната раса или религија. Од ДАНС соопштија дека постојат докази за вакви напади, при што некои жртви биле вербално навредувани, а други биле физички нападнати. Голем дел од нив не ги пријавиле инцидентите во полиција, па истражителите сега се обидуваат да ги пронајдат и да ги сослушаат.
Водачот ги сметал жените за помалку вредни од мажите
Истрагата открила и дека организацијата имала исклучително непријателски став кон жените. Според обвинителката Анелија Трифонова, наводниот водач ги сметал жените за помалку вредни од мажите.
Тој собирал пари од членовите под различни изговори, меѓу кои за изнајмување простории и за изработка на маици. Износот зависел од финансиските можности на членовите. Некои малолетници плаќале по околу 30 евра, други по 15 евра, а најмладите биле ослободени од плаќање. Истражувачите сè уште утврдуваат каде биле трошени парите.
Полицијата во средата извршила 14 претреси во Пловдив и во Раковски. Биле запленети книги, тетратки, значки, мобилни телефони, маски, свастики, знамиња и облека со симболи на организацијата.
На една од локациите било пронајдено и знамето на пловдивскиот огранок на „Кју-клукс-клан“. Биле откриени и материјали со упатства за изработка на запаливи смеси.
На наводниот водач му се заканува затворска казна од една до шест години, а обвинителството ќе побара да му биде одреден притвор. Другите полнолетни обвинети се пуштени на слобода со кауција од по 1.000 евра, а малолетниците се ставени под надзор на инспектори за малолетничка деликвенција.
Надлежните го опишаа пловдивскиот клан како поекстремен од „Крв и чест“, со построга хиерархија и со посложени ритуали за прием на членови. Двете групи не дејствувале заедно, а нивните водачи биле во конфликт и се обидувале да си преземаат членови.
Тие ги повикаа родителите да внимаваат на наглите промени во однесувањето, облекувањето и во комуникацијата кај нивните деца, кои би можеле да укажуваат на прифаќање екстремистички ставови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата