Македонски државјанин е главниот осомничен и го признал убиство на 45-годишна жена, сопственичка на станот во кој бил потстанар во близина на Ханија на грчкиот остров Крит, а која на 30 мај исчезна, додека пак нејзиното тело утрово беше пронајдено, јави дописничката на МИА од Атина.
За исчезнувањето на жената од селото Агиа кај Ханија, 45-годишната Ставрула Левендаки, на почетокот на месецов беше издаден „missing alert“, а потстанарот во нејзината куќа бил и последниот кој ја видел пред да ѝ се изгуби секаква трага пред три седмици.
Токму затоа уште од самиот почеток се најде во фокусот на полицијата, беше повикан да даде исказ, но негирал секаква поврзаност со исчезнувањето на жената.
Македонскиот државјанин во петокот беше уапсен за поседување и одгледување дрога, а за време на испрашувањето во полициската станица за случајот со исчезнатата во текот на ноќта, го признал убиството и на полицајците им го посочил местото каде што го закопал телото, кое потоа било пронајдено.
Околу причините за убиството, наводно рекол дека со сопственичката се скарале околу состојбата во станот.
Според информациите, станува збор за 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит и нема криминално досие.
Во станот на исчезнатата живеел неколку години, во првичните искази пред полицијата, веднаш по исчезнувањето рекол дека на 30 мај, сопственичката го посетила за да ги земе парите за киријата, по што си заминала.
Со оглед на тоа што бил и последниот кој ја видел жената, се најде под лупа на полицијата, која спроведе истрага и во станот и во трите возила на македонскиот државјанин, кои иако биле темелно исчистени, сепак биле пронајдени остатоци од крв во станот и едно од возилата.

Четириесет и тригодишниот македонски државјанин, кој ја изнајмувал нејзината куќа, го признал убиството на Ставрула Левендаки. По злосторството, тој го закопал телото на жената во нива, на околу пет километри од куќата.
Според првичните информации, Ставрула Левендаки имала повреди во пределот на градниот кош и удар во главата, најверојатно од железен предмет.
Потстанарот тврдел дека се скарал со жената зашто предизвикал штета во куќата. Според неговото тврдење, за време на расправијата ја нападнал и ја убил. Потоа го ставил телото во вреќа и со својот автомобил го однел до местото каде што го закопал.
Полицијата, сепак, со резерва го разгледува неговото објаснување за причината за расправијата и ја истражува и можноста мотивот за злосторството да бил сексуален.
По исклучително тешка ноќ, полицајците од Одделот за борба и расветлување кривични дела во Ханија успеале да добијат признание од македонскиот државјанин. Тој, според информациите, детално опишал што се случило утрото на 30 мај.
Обвинетиот им го посочил на полицајците местото каде што го скрил телото на 45-годишната Ставрула Левендаки.
Во моментов, силни полициски сили и екипи на криминалистичките служби се наоѓаат во областа Ватолакос кај Ханија, каде што било пронајдено телото на несреќната жена.
Истрагата е во полн тек, а се очекува официјално соопштение од грчката полиција за околностите на злосторството и доказите што довеле до целосно расветлување на случајот, кој ги потресе Ханија и цела Крит.
Станува збор за случај што во изминатата седмица беше една од главните теми во Грција, со оглед на тоа што сторителот, иако беше еден од главните осомничени, не само што при исказите пред полицијата негирал каква било поврзаност, туку и даваше изјави за медиумите пренесувајќи ги неговите ставови и префрлајќи ја вината врз други.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата