Српската напредна партија (СНС) соопшти дека Ангелина Вучиќ, мајката на Александар Вучиќ, била вербално и физички нападната во непосредна близина на пазарот Калениќ во Белград. Партијата најостро го осуди наводниот напад.
Како што наведуваат од СНС, „група помлади мажи, политички блиски до блокадерите, ја туркале Ангелина Вучиќ, ѝ викале и ѝ ги искинале кесите со намирници што ги носела од пазарот“.
„Таквото однесување е недозволив чин на агресија, понижување и заплашување, кој заслужува најостра осуда.
Ничија мајка, ничија баба и ниту една жена не смеат да бидат мета на насилство поради политички разлики. Не постои никакво оправдување за агресија врз жена која е мета на блокадерите само затоа што е мајка на Александар Вучиќ“, се наведува во соопштението на партијата.
Српската напредна партија побара итна и одлучна реакција од надлежните органи, утврдување на сите околности на настанот и повикување на одговорност на сите што учествувале во него.
„Ангелина Вучиќ го пријавила нападот во полиција, а ние очекуваме институциите да постапат без одложување, професионално и во согласност со законот. Нема да молчиме пред насилството, ниту ќе дозволиме агресијата и заплашувањето да се претставуваат како легитимен облик на политичка борба. Оние што мислат дека со насилство можат да ја наметнат својата волја мора да разберат дека во Србија законот мора да важи за сите“, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата додаваат дека денеска не била нападната само мајката на Александар Вучиќ, туку и вредностите за кои се залага секое општество што ги почитува жените, мајките и правото на достоинствен живот.
Од СНС истакнуваат дека очекуваат јасна осуда на овој чин од сите политички актери, без изговори, калкулации и двојни стандарди.
„Србија не смее да дозволи да стане земја во која насилството и омразата ги заменуваат дијалогот и политичката борба.
Србија е посилна од омразата и од секој обид за остварување политички цели преку заплашување и агресија“, се наведува во соопштението.
„Србија што ги сака и почитува жените и го брани правото на секој човек на достоинство ќе ја покаже својата сила мирно, одлучно и демократски“, додаваат од партијата.
Во соопштението се наведува и дека граѓаните со својот глас и пенкало ќе покажат дека во Србија нема место за омраза и насилство, туку за слобода, почитување и одговорност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата