Одговарајќи на прашање од хрватски новинар, Вучиќ рече дека хрватските медиуми секојдневно шират навреди, невистини и се мешаат во изборната кампања во Србија. На барањето да посочи конкретни докази, додаде дека е доволно да се погледнат хрватските медиуми
Носителот на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, Александар Вучиќ, денеска по гласањето во Нов Белград, во изјава за медиумите рече дека ќе ја признае изборната волја на граѓаните доколку неговата листа загуби, како и дека во случај на победа, нема да дозволи да им биде одземена.
Носителот на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, Александар Вучиќ, денеска по гласањето во Нов Белград /
„Се надевам дека изборите ќе поминат мирно, исто како што тоа е случај на ова гласачко место. Верувам дека вечерва ќе ја имаме демократската волја на граѓаните. На избори можете да победите или да изгубите. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно. Ако загубиме, да ја признаеме волјата на гласачите, ако победиме, никој нема да ни ја одземе“, изјави Вучиќ пред новинарите откако гласаше со сопругата Тамара Вучиќ.
Вучиќ рече дека Србија избира во кој правец оди, односно дали оди во иднината или во минатото.
Одговарајќи на новинарски прашања, рече дека очекува висока излезеност на денешните избори и дека српскиот народ ќе ја изрази својата демократска волја.
На прашање од хрватските медиуми дали ќе ја промени својата реторика кон Хрватска и ќе изгради подобри односи, Вучиќ рече дека се надева дека двете земји ќе имаат подобри односи во иднина.
„За тоа, треба помалку да се мешате во нашите изборни процеси и во нашите внатрешнополитички околности. За тоа, треба помалку секојдневно да ја навредувате Србија. Tреба да покажете поголемо почитување кон нашата земја, а потоа ние секогаш ќе покажуваме почитување кон вашата земја. Чекајте, Хрвати, ова се српски, а не хрватски избори. Бидете трпеливи, знам дека ви е грижа“,рече тој.
На дополнително прашање дали има конкретен пример или доказ дека Хрватска се меша во внатрешните работи на Србија или дека ја навредува, тој рече дека не мора да дава докази оти е доволно да се погледнат хрватските медиуми.
„Доволно е да отворите кој било од вашите весници, кој било од вашите портали или да погледнете која било од вашите телевизии. Од навреди, лаги, најбесмислени, полоши од оние што ги изговараат Н1 и Нова С, до директно мешање во кампањата на секој можен начин. Значи, ако не го гледате тоа, тогаш имате некаков друг проблем, а тој не е поврзан со доказите, туку со тоа дали можете добро да гледате и дали можете да читате“,додаде Вучиќ.
Во Србија денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните избираат 250 пратеници, а гласачките места се отворени до 20 часот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата