„Вкуси ја Македонија во чаша“ – три дена вино, музика и македонски вкусови во Македонско село

Vecer | 14.10.2026

„Вкуси ја Македонија во чаша“ – три дена вино, музика и македонски вкусови во Македонско село
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Комплексот „Македонско село“ во подножјето на Водно од 16 до 18 октомври ќе биде домаќин на првото издание на Винскиот фестивал - Македонско село, кој под мотото „Вкуси ја Македонија во чаша“ ќе понуди три дена посветени на македонското вино, гастрономијата, музиката и традицијата.

Фестивалот е замислен како место каде што на едно место ќе се сретнат љубителите на виното, домашните производители и публиката, во амбиент кој природно ја раскажува македонската приказна.

Во винската зона посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од македонски винарии, да ги запознаат нивните производи и да уживаат во различни вински и гастрономски комбинации.

Фестивалската влезница чини 1.000 денари, а со неа посетителите на влез добиваат фестивалска чаша и можност за неограничена дегустација на вината од учесниците.

Покрај винската понуда, фестивалот ќе има и посебни гастрономски зони – „Вино & Сирење“, „Сладок корнер“, „Кафе & Кроасан“ и „Скара корнер“, со различни вкусови и производи кои ќе го надополнат винското искуство.

                                    Три вечери македонска музика

Музичката програма ќе биде исклучиво македонска и ќе ги обедини изведувачите од различни генерации и музички жанрови. На фестивалската сцена ќе настапат Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Смиља Митревска, Нино Величковски и неговите тамбураши, тамбурашките состави Ѓезме и Лихнидос, Благица Павловска, Александар Јосифовски, Дамјан Стојановски, како и диџеите Бранчез, Ерик Фокс и Галоски.

Програмата ќе започнува во текот на денот, а фестивалските вечери ќе завршуваат со настапи на главната сцена.

За посетителите кои сакаат целосно да го доживеат фестивалот, „Македонско село“ подготви и посебна винска викенд-понуда со сместување, појадок, фестивалски влезници и дегустација на вината.

За полесен пристап и безбеден превоз од и до фестивалот, во текот на трите фестивалски дена ќе биде организиран и автобуски превоз кон комплексот „Македонско село“. Автобусите ќе сообраќаат на секои 30 минути од две локации во Скопје – паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“ и последната автобуска постојка кај Цветен пазар, со што посетителите ќе имаат дополнителна можност да стигнат до фестивалот.

На фестивалот ќе има содржини и за најмладите, со детски активности, со што Винскиот фестивал - Македонско село е замислен како настан за целото семејство.

Од вино и традиционална храна, преку македонска музика, до автентичниот амбиент на „Македонско село“ – „Вкуси ја Македонија во чаша“ ќе понуди три дена во кои македонските вкусови ќе се спојат со музиката и доброто расположение.

16, 17 и 18 октомври – Вински фестивал-Македонско село „Вкуси ја Македонија во чаша“

                                                                 Музичка програма

Во петок програмата почнува во 16:00 часот и ќе трае до полноќ, додека за време на викенд деновите музичкиот дел стартува на пладне.

Во петок (16 октомври) прв на сцената (во 16:00) ќе застане диџеј Бранчез, по него следуваат Нино Величковски и неговите тамбураши (17:00), Благица Павловска (19:00) и од 20:00 часот следува настапот на Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд.

Во сабота (17 октомври) музичката програма ќе стартува со диџеј Ерик Фокс (12:00), потоа на сцената ќе настапат тамбурашите Ѓезме (14:00), од 16:00 часот е закажан настапот на Александар Тарабунов, по него од 18:00 ќе настапи Александар Јосифовски, а вечерта, односно од 20:00 концерт ќе има Дамјан Стојаноски и неговиот оркестар.

Неделата (18 октомври) е резервирана за група Коштана (12:00), Смиља Митревска (14:00), Огнен Здравковски (16:00), Ѓоко Танески (18:00) и од 20:00 следува настапот на еден од најбараните домашни диџеи Галоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk