На 6 декември

Карл Орф, Пучини, Хендл, „Рејдиохед“, Сиа и македонски песни на програмата на концертот „Завет“ на Ана и Игор Дурловски

Vecer | 12.11.2026

Карл Орф, Пучини, Хендл, „Рејдиохед“, Сиа и македонски песни на програмата на концертот „Завет“ на Ана и Игор Дурловски
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Силно верувам во тоа дека само квалитетна изведба може да допре до срцата на публиката, вели македонската оперска пејачка со светски глас, сопранот Ана Дурловски пред концертот „Завет – од светот до изворот“ кој ќе се одржи во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје на 6 декември од 20 часот.

На концертот на Ана и Игор Дурловски ќе настапат со големиот симфониски оркестар „Ајга“ и како што најавија на денешната прес-конфренција на сцената ќе настапат стотина музичари, хористи и специјални гости. Концертот ќе биде спој на класична музика и светски теми и на крај ќе заврши со изворна македонска музика која има национална вредност.

- Програмата е прилично разновидна, од Карл Орф, преку Пучини, Хендл, до „Рејдиохед“, Сиа и македонски песни. Се работи за грандиозни мелодии кои во исто време може да бидат и исклучително интимни, изјави на денешната прес-конференција Ана Дурловски.

Антонио Димитриевски, кој е дел од организацијата на концертот вели дека целиот проект во кој ќе се претстават нашите уменици има наслов „Завет“ и тоа не е случајно.

- Ние слободно може да се носиме со светот. Она што го прават големите светски оперски уметници и ѕвезди го имаме и дома, бидејќи имаме извонреден уметнички производ. Спортскиот центар „Јане Сандански“ ако досега бил вулкан на спортот, на 6 декември ќе биде вулкан на културата заради тоа што два светски оперски гласа кои се од Македонија, ќе го донесат светот во Македонија и ќе покажат дека Македонија може да завучи светски, рече Димитриевски.

Ана Дурловски смета дека само квалитетна изведба може да допре до срцата на публиката и така да ги привлече повторно да дојдат на концерт.

- Публиката која следи класична музика и која доаѓа на концертите од овој жанр, минатата година беше дел од нашиот концерт и покажа дека многу им се допадна новиот пристап и како Сони Петровски ги направи аранжманите на изворните македонски песни. Оттука е и поттикот и натаму да ја развиваме оваа програма која овој пат ќе биде значително поинаква. Посебно се обраќам на младите, кои веројатно слушаат друг тип на музика, на луѓето кои се скептични во однос на класичната музика да повелат на концертот, бидејќи програмата е така конципирана, така што сите може да ја препознаат музиката, бидејќи е дел од вашето сеќавање, некој миг, нешто што ви значи, некое убаво искуство, можеби стара љубов. Музичарите кои ќе настапуваат таа вечер на сцената се посебни музичари, со оркестарот „Ајга“ веќе подолго време имаме соработка, тоа се врвни инструменталисти, млади уметници на кои сметам дека треба да им се даде повеќе простор на уметничкиот подиум. Исто е и со хорот, кои се иднината на нашата вокална сцена, кажа Ана Дурловски.

Вокалната солистка Орхидеја Дукова и музичарот Сашко Костов ќе бидат гости на концертот, како и младиот и исклучително талентиран пијанист Арда Мустафаоглу.

Организаторот е „Пасворд продукција“ и како што велат оттаму концертот е круна на 30-годишната професионална работа на Дурловски.

Билетите се во во продажба преку „МК Тикетс“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk