По овој повод, националните знамиња низ целата земја ќе бидат спуштени на половина копје, додека граѓаните се збогуваа со музичката легенда за време на тридневната церемонија во Шибеник, Сплит и Загреб, објави Телеграф.
Збогувањето започна во неговиот роден град Шибеник и ќе продолжи во Сплит во вторник. На стадионот „Пољуд“, каде што Ковач одржа концерт пред повеќе од 40.000 луѓе во 1993 година, ковчегот со неговото тело ќе биде внесен на стадионот и пренесен низ теренот. Се очекува да присуствуваат бројни пејачи и почитувачи на неговиот лик и дело.
По церемонијата на „Пољуд“, ковчегот ќе биде пренесен во Загреб. Во среда наутро ќе се одржи комеморација во концертната сала „Ватрослав Лисински“, додека погребот е планиран за попладне на гробиштата „Мирогој“ во Загреб.
Мишо ќе почива покрај својот син Еди
Последното збогување носи посебна тага бидејќи легендарниот пејач ќе биде погребан покрај својот син Еди, кој почина во 1992 година, кога имаше само 16 години.
По оваа семејна трагедија, Мишо Ковач помина низ исклучително тежок период, а во една прилика дури и проговори за обид за самоубиство по губењето на синот.
И покрај големите животни искушенија, тој остави неизбришлив белег на музичката сцена и обележа неколку генерации. Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник, а својата музичка кариера ја започна во раните шеесетти години.
Во текот на својата повеќедецениска кариера, тој сними повеќе од 30 албуми и продаде повеќе од 20 милиони плочи. Неговите хитови „Остала си увијек иста“, „Ако ме оставиш“, „Сви пјевају, ја не чујем“ и „Далмација у мом оку“ остануваат дел од музичкото наследство на овој регион.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата