Откако нејзиниот поранешен сопруг, комичарот Расел Бренд, беше прогласен за виновен за силување и сексуален напад, пејачката Кети Пери наводно размислува за првпат јавно да ги изнесе сите детали од нивниот бурен брак.

Според британските медиуми, поп-ѕвездата сака да ја раскаже својата верзија на приказната преку автобиографија, како и преку документарна серија која би можела да биде достапна на некоја од големите платформи за стриминг.
Како што пренесува „Мејл он сандеј“ (Mail on Sunday), преговорите за овој проект наводно веќе се започнати, а нејзиниот тим стапил во контакт со „Нетфликс“ (Netflix) и „Хулу“ (Hulu).
Според извори, пејачката со години одбивала понуди да зборува за својот поранешен сопруг, чекајќи да завршат судските постапки против него. Со години таа молчеше за својот брак со контроверзниот комичар.
Мегапопуларната Пери наводно сакала да почека да заврши судењето пред да одлучи дали пред јавноста ќе открие што се случувало зад затворените врати на нивниот дом. – Кети со текот на годините добила неколку понуди да ја раскаже својата приказна, но не сакала да разгледа ниту една од нив пред да заврши судењето. Од тој брак има многу работи што јавноста не ги знае. Тоа беше многу мрачен период од нејзиниот живот – изјавил извор за британскиот весник.

Расел Бренд минатата недела во Лондон беше прогласен за виновен за силување и сексуален напад врз неколку жени. Злосторствата за кои е осуден се случиле во периодот од 2004 до 2009 година, пред тој да се ожени со познатата пејачка.
Љубовната приказна на Кејти Пери и Расел Бренд некогаш изгледаше како бајка. Тие се венчаа во 2010 година во Индија, но нивниот брак не потрае ниту година и пол. Пејачката претходно откри дека за одлуката за развод дознала преку текстуална порака.

Со години по разделбата, таа навестуваше дека во нивната врска имало многу повеќе отколку што некогаш му открила на јавноста. Исто така, призна дека на почетокот се обвинувала себеси за крајот на бракот, но дека со текот на времето ја дознала вистината. – Мислев дека јас сум виновна што бракот заврши, но потоа ја дознав вистинската вистина – изјави таа тогаш.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата