СОВРШЕН ДЕН Е ОНОЈ ВО КОЈ ИМА МНОГУ ХАОС: Модата, мистеријата и животот на Мишел Лами

Vecer | 19.11.2026

СОВРШЕН ДЕН Е ОНОЈ ВО КОЈ ИМА МНОГУ ХАОС: Модата, мистеријата и животот на Мишел Лами
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Мишел Лами е жена што е тешко – ако не и невозможно – да се заборави, поради нејзиниот контроверзен изглед и специфичен моден стил, но и поради експресивноста, енергијата и ексцентричните ставови. Таа е дел од шоу-бизнисот, иако повеќе од сенка, речиси четири децении, и додека пошироката јавност можеби само се запознава со нејзиниот лик и дело, секој што сака да биде познат знае многу добро дека нејзината врата е вистинската адреса.

Мишел Лами ги поврзува остварените и неостварените ѕвезди од различни општествени средини, влијае врз нечија популарност или непопуларност и создава возбуда околу нечија работа или талент – што може да ве воздигне или уништи. Нејзиното влијание оди многу подалеку од класичната модна индустрија, што се потврдува и со фактот дека често се споменува во популарните рап-песни како симбол на врвен, некомерцијален луксуз и моќ.

Претприемачки дух зад превезот на мистерија

Познатата 82-годишна жена е феномен сама по себе, модна икона и личност опкружена со бројни мистерии и сочни озборувања, од кои некои се граничат со неверојатното. Дека е Мароканка или Алжирка, можеби Ромка, дека ја одгледале волци во Ардените, дека е вештерка или вампир и има 1.600 години – ова се само дел од теориите што кружат за оваа необична и импресивна дама. „Што е совршен ден? Совршен ден е оној во кој има многу хаос“, изјави еднаш Лами, што најдобро го опишува нејзиното животно искуство.

Но, вистината е многу поедноставна: Мишел е родена Парижанка која, откако студирала право, со години работела како адвокат, за во своите триесетти години да почне да настапува во кабаре, а потоа да се посвети на музика. Подоцна решила да го спои својот талент за пеење со дарба за бизнис – која, како што се покажа, никогаш не ја изневерила – отворајќи го во деведесеттите култниот холивудски ресторан и кабаре Les Deux Café. Иако денес е затворено, ова место постигна легендарен статус во своето време, собирајќи гости како Мадона и Грејс Џонс, заедно со многу други уметници, креативци, дрег-кралици и сите оние што уживале да пијат и да гледаат како Мишел пее или рецитира поезија од Лангстон Хјуз во облак од чад од цигари.

Пред кариерата во угостителството, Мишел – секогаш со изразито автентичен стил – се впуштила во сосема поинаков деловен потфат во средината на осумдесеттите: го основала брендот за спортска облека „Лами!“. Започнувањето моден бизнис ја довело до средба со Рик Овенс, човекот со кого изградила деловна империја, но и силно емоционално и интелектуално партнерство.

Рик Овенс и Мишел дури и се венчаа, и покрај тоа што тој отворено беше геј. „Значи, вистината е дека сум бисексуалец... Не треба да биде така. Луѓето не го сакаат тоа. Би било одлично ако сè беше црно или бело, но сè во животот се врти околу двосмисленост и понекогаш мора да ги прилагодувате правилата по патот. Би ми било многу полесно ако беше онака како што некогаш претпоставував – дека ќе поминам низ животот како 100 проценти геј, без трајна врска, но со многу секс“, објасни дизајнерот еднаш.

Визуелен идентитет како перформанс

До ден-денес, Мишел дури и во подоцнежните години блеска на светската сцена и се смета за една од највлијателните и најнеконвенционалните фигури на поп-културата и андерграунд-уметноста. Визуелниот идентитет е една од главните алатки на Мишел во вниманието што го привлекува каде и да се појави – во индустрија опседната со младост и стандардизирана убавина, таа им пркоси на сите правила. Нејзиниот препознатлив изглед – прсти обоени со црна кана, златни заби, масивни сребрени прстени, тетоважи на лицето и препознатлив рапав глас – ја претвори во жива уметничка инсталација и една од најфотографираните личности на светските модни недели.

Интересно е што Лами – чиј изглед со години често беше преувеличен и агресивен, па до одреден степен и вознемирувачки – во помладите години беше вистинска, нежна убавица, софистицирана и елегантна. Нејзините стари фотографии често кружат на социјалните мрежи, покажувајќи дека некогаш, децении порано, Мишел имала сосема поинаква естетика и поинакво сфаќање за стилот.

Годините си го прават своето, без сомнение, но зад драматичната промена на имиџот на оваа позната дама сигурно стои уште многу, многу повеќе.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk