Илјадници мигранти ја пробија границата на шпанската северноафиканска енклава Сеута, откако масовно влегле од море од мароканската страна и ја совладале полициската контрола на граничниот премин Тарахал. Според шпанските власти, мигрантите го поминале градскиот насип, а дел од нив ја прескокнале заштитената ограда и влегле на територијата на Сеута.
Шпанските медиуми, повикувајќи се на државната телевизија ТВЕ и агенцијата ЕФЕ, јавуваат дека границата ја преминале меѓу 2.000 и 3.000 млади лица, во една од најголемите мигрантски кризи со кои се соочува оваа шпанска енклава во последниот период.
Во исто време, припадниците на мароканските помошни безбедносни сили, кои биле задолжени за обезбедување на тој реон, се повлекле додека младите минувале низ областа. Агенцијата Ројтерс засега не можела независно да ги потврди овие информации.
Сеута, заедно со Мелиља – уште еден шпански автономен град кој се наоѓа во Северна Африка – претставува единствена копнена граница на Европската Унија со Африка. Двата града периодично се соочуваат со мигрантски бранови од луѓе кои се обидуваат да стигнат до Европа.
Снимките покажаа дел од мигрантите како извикуваат „Да живее Шпанија“ додека влегувале на територијата, а многумина од нив ја преминале границата од мароканска страна користејќи гуми за пливање и други пловни средства.
Активистот за права на мигрантите, Закарија Зароки, изјави дека преминувањето што се случи во четвртокот потсетува на настаните од мај 2021 година, кога околу 10.000 марокански и потсахарски мигранти влегле во енклавите во период од неколку дена.
„Ситуацијата сè уште е надвор од контрола додека разговараме“, изјави Зароки, додавајќи дека луѓе и понатаму се упатуваат кон мароканскиот град Фнидек, во обид да ја преминат границата и да стигнат до Сеута.
Пресуда на Врховниот суд
Претходно овој месец, шпанскиот Врховен суд пресуди дека мигрантите пресретнати на море додека се обидуваат да стигнат до Сеута или Мелиља, не можат веднаш да бидат вратени во Мароко според забрзаната постапка што важи за овие енклави.
„Одлуката на Врховниот суд предизвика бавен развој на ситуацијата, но денес дојде до експлозија“, изјави портпаролот на Цивилната гарда за агенцијата Ројтерс.
Претходно во четвртокот, градоначалникот и претседател на Сеута, Хуан Хесус Вивас, ја повика централната влада да прогласи вонредна состојба поради масовниот прилив на мигранти. Регионалната влада на Сеута побара од Мадрид да распореди војска со цел да се гарантира безбедноста и да се затвори границата со Мароко, преку објава на социјалната мрежа Икс .
Морската рута и споредба со 2021 година
Шпанија е една од главните влезни точки во Европа за мигрантите кои бараат подобри економски услови или бегаат од насилство во нивните матични земји. Сеута се наоѓа на северноафриканскиот брег, а мигрантите често стигнуваат до неа со пливање од мароканскиот град Кастиљехос, оддалечен околу пет километри. Алтернативна рута води од поблискиот град Белиунеч.
Сегашната ситуација потсетува на граничната криза од мај 2021 година, кога за само два дена во Сеута влегле повеќе од 8.000 мигранти.
Локалните власти бараат прогласување вонредна состојба
Претседателот на регионалната влада на Сеута, Хуан Хесус Вивас, побара од централните власти прогласување вонредна состојба поради загрозување на националната безбедност. Тој повика на испраќање дополнителни полициски сили и распоредување на војската на границата.
Вивас порача дека засилувањата се неопходни „за да се гарантира неповредливоста на границата и безбедноста на граѓаните“.
Уште во средата, Вивас предупреди дека прифатните центри се преоптоварени и дека стотици луѓе спијат на улиците, откако минатата недела во градот пристигнале повеќе од 1.500 мигранти. Во текот на ноќта меѓу средата и четвртокот, како и во четвртокот, границата ја преминале уште неколку илјади луѓе.
Неслужбени бројки и одговорот на владата
Шпанското Министерство за внатрешни работи, кое е надлежно за следење на нерегуларната миграција, не го објави точниот број на мигранти кои пристигнале во Сеута во изминатите денови. Од Министерството најавија дека новиот извештај ќе биде објавен на 3 август.
Официјалните податоци на Министерството покажуваат дека до 15 јули годинава, во Сеута по копнен или морски пат влегле речиси 3.000 мигранти.
Од Министерството појаснија дека законодавството за вонредна состојба не ги дефинира миграциските текови како ризик за националната безбедност. Тие истакнаа и дека владините служби „се координираат за брз и ефикасен одговор на ситуацијата во Сеута“.

Сеута е сместена на историскиот премин и е под шпанска управа од 1580 година. Нејзиното мешано население, кое го сочинуваат христијани и муслимани, шпански и марокански државјани, како и дневни прекугранични работници, живее во релативна хармонија.
Градот е опкружен со гранична ограда која многу мигранти од цела Африка се обидуваат да ја преминат во потрага по подобар живот во Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата