Финскиот претседател Александар Стуб откри дека декларацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот лидер Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг требало да содржи дел посветен на Украина, но дека Америка побарала тој да биде отстранет.
Стуб за финскиот весник „Хелсингин саномат“ изјави дека првата верзија на декларацијата содржела став за Украина, но дека Вашингтон не бил задоволен од неговата содржина и одлучил да го отстрани. „Формулацијата не беше добра, па Соединетите Американски Држави ја отстранија.
Мислам дека тоа беше добро“, рече Стуб, коментирајќи ја одлуката на американската администрација да не ја спомнува Украина во заедничката декларација.
Финскиот претседател не откри што точно пишувало во избришаниот дел од документот, ниту кој ја предложил неговата содржина. Тој наведе дека деталите за подготовката на декларацијата станале познати за време на разговорите зад затворени врати во Берлин.
На 19 ноември таму се состанаа претставници на таканаречената „Коалиција на подготвените“ – група европски и други земји кои ја поддржуваат Украина.
Главни теми на разговор беа продолжувањето на помошта за Киев и можноста за завршување на војната. Трамп им се јавил на европските лидери од авионот.
Стаб, исто така, потврди дека Трамп, откако ја напуштил Кина, ги повикал учесниците на состанокот во Берлин од претседателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One).
Притоа, тој им ги пренел деталите од разговорите со Путин и Си. Според финскиот претседател, Трамп изјавил дека војната во Украина мора да заврши, за Европа да може да ги насочи средствата кон други потреби.
Стаб, сепак, нагласи дека тоа не претставува повик за прекин на помошта за Украина. „Според тоа, немаше повик да се престане со поддршката за Украина“, изјави финскиот претседател, отфрлајќи ги толкувањата дека американскиот лидер побарал од европските сојузници да ја намалат или да ја прекинат поддршката за Киев.
Трамп, Путин и Си се сретнаа на 19 ноември во кинескиот град Шенжен. По средбата, тие објавија заедничка декларација за меѓународниот мир и безбедност, во која не се споменува руската инвазија врз Украина. Документот опфаќа реформи во Обединетите нации, намалување на нуклеарните ризици, зголемување на понудата на нафтени деривати, како и почитување на имунитетот на државните функционери пред меѓународните судови.
Во декларацијата се упатува повик до Меѓународниот кривичен суд да не ги злоупотребува своите овластувања
Инаку, во 2023 година, тој суд издаде налог за апсење на Путин поради сомневање за незаконска депортација на украински деца во Русија. Иако тројцата претседатели разговараа за Украина, нивната средба не доведе до договор за прекин на огнот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата