Авионот слета безбедно, а никој од патниците и членовите на екипажот не е повреден. Авионот од типот „Боинг 767-383ER“ летал од Хонгконг кон Папуа Нова Гвинеја, кога пилотите забележале предупредување за можен пожар или искрење во десниот мотор. Тие одлучиле да ја пренасочат трасата на летот кон Меѓународниот аеродром во Давао.
Авионот извршил непланирано слетување во Давао, кратко по полноќ во саботата. Во него се наоѓале 137 патници и девет членови на екипажот, кои по слетувањето го напуштиле леталото користејќи тобогани за итна евакуација. Филипинската управа за цивилно воздухопловство потврди дека нема повредени лица.
Патниците и екипажот биле пренесени до аеродромската зграда, каде што им била пружена помош и им било обезбедено хотелско сместување, сè додека не се организира продолжување на патувањето.
Пилотите добиле предупредување за можен пожар. Портпаролот на Управата за цивилно воздухопловство на Филипините, Ерик Аполонио, изјави дека пилотите, преку системот за предупредување, забележале знаци на можна искра или пожар во десниот мотор на авионот.
Екипажот веднаш пристапил кон спроведување на безбедносните процедури и побарал дозвола за непланирано слетување. Аполонио најави истрага, која ќе вклучува и изјави од пилотите, со цел да се утврди што го предизвикало предупредувањето.
Засега нема информации за оштетувањата на леталото. Исто така, не е потврдено дали навистина избувнал пожар во моторот, или пак системот само сигнализирал можна опасност, поради што екипажот, од претпазливост, ја променил траекторијата на летот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата