Операцијата во градот Гвасаве, во сојузната држава Синалоа, предизвикала вооружени судири, пукањето го прекинало дури и натпреварот во безбол, принудувајќи ги гледачите во паника да побегнат од стадионот.
Мексиканските медиуми известија за апсењето, а шпанскиот весник „Ел Паис“, повикувајќи се на извори блиски до мексиканскиот безбедносен апарат, потврди дека Меза Флорес е приведен.
Сепак, Си-Ен-Ен (CNN) наведе дека сè уште чека независна потврда од мексиканските власти.
За време на операција во Гвасаве, дојде до вооружени судири помеѓу мексиканските безбедносни сили и вооружени групи. Снимки, чија автентичност ја потврди Си-Ен-Ен (CNN), прикажуваат воени хеликоптери како летаат над градот и пукаат кон земјата.
Особено драматични сцени се одвиваа на стадионот „Курода Парк“, каде што се играше натпревар во безбол помеѓу екипите „Венадос де Мазатлан“ и „Алгодонерос де Гвасаве“. Откако се слушнаа истрели, гледачите почнаа да бегаат од трибините, прескокнувајќи огради и барајќи засолниште.
Играчите го напуштија теренот, а преносот на натпреварот беше прекинат. Коментаторите ги известија гледачите дека во близина се случува безбедносен инцидент.
Според сведоштво на локален жител, пренесено од Си-Ен-Ен, вооружени лица зазеле приватни болници, а биле запалени и разни објекти, вклучувајќи продавници и бензински пумпи. Некои граѓани останаа заробени во зградите во кои побарале засолниште.
Во февруари 2025 година, Фаусто Исидро Меза Флорес се појави на листата на ФБИ со десетте најбарани бегалци. Американските власти понудија награда во износ до пет милиони долари за информации што би довеле до негово апсење или осуда.
Според официјалното известување на ФБИ, Меза Флорес е осомничен дека раководи со тешко вооружена криминална организација со седиште во Синалоа, позната како групата „Меза-Флорес“ или „Лос Мазатлекос“.
Неговата група е обвинета за производство, дистрибуција и шверц на големи количества хероин, метамфетамин, кокаин, фентанил и марихуана во Соединетите Држави. Тој првпат беше обвинет во 2012 година, додека новото обвинение од 2019 година вклучува дополнителни кривични обвиненија поврзани со трговија со дрога и поседување огнено оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата