Двајца француски стримери се осудени на затворски казни поради тешко насилство, поттикнување омраза и онлајн малтретирање во случајот со смртта на интернет-инфлуенсерот Рафаел Гравен, кој минатата година почина за време на пренос во живо на платформата Kick. Иако судот не ги прогласи за виновни за неговата смрт, утврди дека тие го управувале каналот од кој се емитувал преносот во критичниот момент. Случајот предизвика силни реакции во Франција и повторно ја отвори дебатата за одговорноста на креаторите на содржини и потребата од построга регулација на онлајн платформите каде што се шират насилство, говор на омраза и јавно понижување.
Обвинителството појасни дека тие не биле обвинети за убиство од небрежност. Според истрагата, најверојатната причина за смртта на Гравен била поврзана со неговата нарушена здравствена состојба и срцеви проблеми. Судот ги ослободи од обвинението дека ја искористиле неговата психичка нестабилност.
Сеназандоти, познат под прекарот „Наруто“, доби условна казна затвор од 12 месеци и парична казна од 15.000 евра. Хамади беше осуден на 18 месеци условен затвор и парична казна од 5.000 евра. На двајцата им е изречена и шестмесечна забрана за објавување содржини на платформата Kick.
Адвокатот на Сеназандоти ја оцени пресудата како непропорционална, тврдејќи дека неговите клиенти не го злоставувале Гравен и дека неговата смрт не била директно поврзана со активностите на каналот.
Рафаел Гравен имал повеќе од еден милион следбеници на социјалните мрежи и голема публика на Kick, каде што, според обвинителството, редовно бил изложуван на вербално понижување и насилни предизвици за време на преносите во живо.
Тој беше пронајден мртов во август 2025 година во местото Конт, северно од Ница. Локалните медиуми тогаш објавија дека во последниот пренос во живо се гледал како неподвижно лежи на душек покриен со прекривка, по што снимката била отстранета од платформата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата