Русија го забрани извозот на керозин до крајот на ноември со цел да се обезбедат доволни залихи на домашниот пазар, објави денес руската влада.
Според владиното соопштение, забраната се однесува и на горивото за авиони купено преку стокови берзи и ќе биде во сила до 30 ноември. „Целта е да се обезбеди стабилност на домашниот пазар на гориво“, соопшти руската влада. Сепак, мерката предвидува неколку исклучоци, меѓу кои пратки кои веќе биле во царинска постапка пред стапувањето во сила на забраната и испораки извршени врз основа на меѓудржавни договори.
Русија направи сличен потег во април, кога го забрани извозот на бензин до домашни производители до 31 јули. Владата потоа објасни дека сака да го стабилизира домашниот пазар во периодот на зголемена сезонска побарувачка и земјоделски работи, но и поради порастот на цените на нафтата на светските пазари поврзани со геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Москва вели дека продолжува да презема мерки за да обезбеди „сигурно и континуирано снабдување со гориво на домашниот пазар“, објавува Индекс. Одлуката доаѓа во време кога енергетските пазари се под зголемен притисок поради нестабилноста на Блискиот Исток и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата