Режисерот Кустурица на интервју со Путин: „Москва е третиот Рим. Четврти нема да има“

Vecer | 21.11.2026

Режисерот Кустурица на интервју со Путин:  „Москва е третиот Рим. Четврти нема да има“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Рускиот претседател Владимир Путин ги повика украинските војници да преминат на руска страна, порачувајќи им дека тоа е „вистинската страна на историјата“.

Тој го изјави ова во интервју со српскиот режисер Емир Кустурица, кое Кремљ го објави во целост.

Разговорот бил снимен за документарен филм насловен „Нашето крштевање: Поглаварот“, посветен на 80-тиот роденден на патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква.

Путин  во интервјуто зборува за војната во Украина, односите со Западот и улогата на православието во Русија.

„Што се однесува до украинските војници, не сакам да кажам дека треба да се предадат, бидејќи тоа звучи донекаде понижувачки. На крајот на краиштата, тие се борат – продолжуваат да се борат“, рече Путин, одговарајќи на прашање од Кустурица во врска со односот меѓу Русите и Украинците.

„Би сакал да им порачам да преминат на наша страна, бидејќи тоа е нашата заедничка страна – и вистинската страна на историјата“, продолжи рускиот претседател, кој уште еднаш нагласи дека Русите и Украинците треба да се стремат кон единство.

Во овој контекст, Путин изјавил дека не се залага нужно за повторно обединување на Русија и Украина во една држава.

Тој појасни дека мисли на единство во поширока смисла, како и на соработка меѓу двата народа за постигнување заеднички цели. Путин тврди дека Западот се обидува да ги ослаби и Русија и Украина.

Рускиот претседател ги обвини западните земји дека ѝ даваат поддршка на Украина за да ги остварат сопствените интереси. Според него, нивната цел не е да му помогнат на украинскиот народ, туку да ја ослабат Русија и да посеат раздор меѓу народите што тој ги смета за историски поврзани.

Притоа, Путин се повика на античкиот римски принцип „раздели па владеј“, тврдејќи дека оваа политика се применува против Русија со векови. Како примери ги наведе инвазијата на Наполеон, како и Првата и Втората светска војна.

Според него, западните земји се стремат да ја ослабат Русија, да ја направат попослушна и да ја потчинат на сопствените интереси. Тој им ги припиша истите намери и на земјите кои во моментов ѝ пружаат воена и финансиска помош на Украина.

Путин  во разговорот со познатиот режисер тврди дека Украина изгубила голем дел од својата индустрија и население по распадот на Советскиот Сојуз. За таквиот развој на настаните тој го обвини украинското политичко раководство, кое го нарече националистичко.

„Патриотите ја сакаат својата земја, додека националистите ги мразат другите народи“, рече Путин, тврдејќи дека со Украина управуваат националисти, а не патриоти.

Тој уште еднаш ги повика Украинците да размислат за заедничка иднина со Русија.

„Русија може да биде арка што ќе ги спаси луѓето“.

Голем дел од разговорот бил посветен на православието.

Кустурица го прашал Путин дали руската цивилизација би можела да стане еден вид арка што ќе ги заштити христијаните и традиционалните вредности од промените што се случуваат во западните општества.

„Може. Апсолутно“, одговори Путин. Тој објасни дека, според него, Русија би можела да понуди засолниште за луѓето кои сакаат да ги зачуваат традиционалните религиозни и семејни вредности – вклучително и оние што доаѓаат од европските земји.

Во тој контекст, Путин се осврна на концептот за Москва како „Трет Рим“, според кој руската престолнина е наследник на Рим и Цариград како центар на христијанството. Тој нагласи дека Русија нема намера да ги штити само православните христијани. „Москва е Третиот Рим. Четврти нема да има“, рече Путин, на што Кустурица одговори со насмевка.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk