Како што пренесува „Скај њуз“, Кушнер на прес-конференција во Абу Даби изјави дека разговорите водени денес ќе бидат разгледани за време на средбата со Путин. Кушнер најави дека по посетата на Москва, тој и Виткоф ќе заминат за Даблин за да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и „дополнително да ги разгледаат некои од идеите до кои дојдошле денес“.
Тој нагласи дека Вашингтон гледа „одредени можности и шанси за напредок“ во преговорите. На прашањето од новинар дали постојат планови за директна средба меѓу Путин и Зеленски, Кушнер одговори дека Русија сака да види „поголем напредок пред такво нешто да може да се случи“.
Кушнер исто така истакна дека е очигледно оти постои мала доверба или меѓусебна блискост меѓу Путин и Зеленски.
Владимир Медински, помошник на рускиот претседател и шеф на руската делегација, денес изјави дека Русија и Украина, за време на разговорите во Абу Даби, постигнале договор за нова, голема размена на затвореници, при што конкретните услови за размената ќе бидат објавени наскоро.
Како што пренесува агенцијата ТАСС, тој им изјавил на новинарите дека за време на преговорите меѓу Русија, САД и Украина било покренато и едно хуманитарно прашање. „Во принцип, се договоривме за нова, голема размена на затвореници, чии конкретни параметри ќе бидат објавени во блиска иднина“, рече Медински. Преговорите меѓу делегациите на Русија, САД и Украина завршија денес во Абу Даби.
Сите делегации го напуштија местото на одржување на разговорите под придружба на полициски возила. Разговорите се одвиваа зад затворени врати, без присуство на медиумите.
Извор: Б92
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата