logo
logo
logo

Кина го прекина извозот на горива

Vecer | 01.10.2026

Кина го прекина извозот на горива

Рафинериите во Кина го прекинаа извозот на нафтени производи во сите региони освен во Хонг Конг и Макао, изјавија за Ројтерс четири извори запознаени со ова прашање, што дополнително ги оптовари глобалните пазари кои веќе се стегнати поради војната во Иран.

Пекинг го ограничи извозот на гориво во март откако почетокот на американско-израелската војна против Иран ги прекина испораките на нафта од Блискиот Исток за Кина, најголемиот увозник во светот.

Ограничувањата беа повторно ублажени помеѓу јули и септември. Сега Пекинг повторно се фокусира на обезбедување залихи за својот домашен пазар, а државната нафтена компанија „ПетроКина“ откажа неколку пратки бензин и керозин што беа закажани за октомври, изјавија за Ројтерс три извори.

Поголема нестабилност за глобалните пазари

Повеќето од пратките што сега се откажани се извршени од компанијата во последните две недели, додадоа изворите, кои разговараа со Ројтерс под услов да останат анонимни бидејќи не беа овластени да зборуваат со медиумите.

Официјален Пекинг одредува извозни квоти на месечна основа со цел да управува со снабдувањето со гориво, но денеска во Кина започна еднонеделен одмор, а рафинериите не добија зелено светло за октомвриските испораки на гориво во странство.

Рафинеријата на „Жеџијанг Петрохемикал Корп“ (ZPC) не закажала испораки на гориво за време на празниците, изјави четврти извор. „ПетроКина“, ZPC и Националната комисија за развој и реформи не одговорија на барањата на „Ројтерс“ за коментар во текот на празничната недела.

Испораки само до Хонг Конг и Макао

Кина има најголем капацитет за рафинирање во светот, но во извозот на гориво обично заостанува зад Индија и Јужна Кореја, забележува „Ројтерс“.

Во моментов не е јасно дали Пекинг ќе продолжи да издава дозволи за извоз на рафинериите кога ќе заврши празникот следната недела, велат изворите, додавајќи дека тоа ќе зависи од нивото на домашни залихи на гориво и производството на рафинериите.

Во јули, кинеските рафинерии го зголемија извозот откако Пекинг ги ублажи ограничувањата за извоз, а податоците од царинската служба на Кина покажаа дека вкупните испораки на бензин, дизел и керозин достигнаа 4,58 милиони тони во август.

Во септември, рафинериите натоварија 1,4 милиони тони дизел, 500.000 тони бензин и најмалку два милиони тони керозин за извоз, вклучувајќи ги и пратките до Хонг Конг и Макао, покажаа трговските проценки.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk