Рускиот претседател Владимир Путин испрати остро предупредување до европските земји, наведувајќи дека распоредувањето на нивни војници во Украина по евентуален мировен договор ќе се смета за продолжување на војната и дека тие сили ќе бидат легитимна воена цел.
Пораката ја упати на 12 ноември, за време на двочасовната средба во Кремљ со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Путин се спротивстави на плановите за распоредување европски воени контингенти на украинска територија, оценувајќи дека таквото присуство не може да биде дел од безбедносните гаранции по постигнувањето примирје.
Според анализата на Институтот за проучување на војната, пренесена од „Кијив пост“, рускиот претседател ги означил европските трупи како легитимни воени цели доколку бидат распоредени во Украина. Сличен став претходно изнел и во изјава за „Тајм“, во која навел дека секое странско воено присуство по договор за прекин на огнот би значело продолжување на конфликтот.
Путин ги повторил и руските територијални позиции, наведувајќи дека за Москва постои само една линија на разграничување – државната граница.
Средбата во Кремљ следувала по разговорите меѓу американската и руската делегација во Абу Даби на 10 и 11 ноември. Иако на состанокот не присуствувале европски претставници, двете страни се договориле преговорите да продолжат.
Според извештаите на „Асошиејтед прес“ и руските медиуми, американските пратеници ја поддржале идејата на Путин за хуманитарна мисија во Константиновка, по моделот на Олешки. Била договорена и нова рунда трилатерални разговори.
По средбата во Москва, Виткоф и Кушнер заминале за Даблин, каде што треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата