Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева оти најновиот хакерски напад врз база на податоци на ФБИ би можел да открие корисни информации, вклучително и во врска со истрагата за руското мешање во американските избори и наводните изборни измами.
„Секогаш сакам да гледам на работите од позитивната страна“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“, коментирајќи го вториот голем сајбер-напад врз ФБИ во изминатите два месеца.
Хакери упаднаа во чувствителна база на податоци на ФБИ Според информации што две лица запознаени со случајот ги потврдија за телевизијата „MS NOW“, хакерите пристапиле до Националниот центар за криминално разузнавање (NCIC) – една од клучните бази на податоци на ФБИ.
Базата содржи податоци за отпечатоци од прсти, лица по кои се трага, сторители на насилни кривични дела и исчезнати лица. Пристап до овие информации имаат само органите за спроведување на законот, но податоците не се класифицирани како тајни. Сè уште не е познато колкаво количество податоци успеале да преземат напаѓачите.
Од ФБИ не одговорија на барањето за коментар, а веста за нападот прв ја објави Си-Ен-Ен (CNN).
За време на телефонско интервју за „Фокс њуз“, Трамп призна дека хакерскиот напад не е добра вест, но истовремено изрази надеж дека тој би можел да открие информации што претходно не биле достапни за јавноста.
„Ќе кажам дека тоа не е добро. Не ми се допаѓа. Но, можеби ќе дознаеме работи што инаку никогаш не би ги дознале, бидејќи, знаете, ја имавте целата таа измама ’Русија, Русија, Русија‘“, рече Трамп.
„Можеби ќе дознаеме нешто за изборните измами – сите тие изборни измами што се случија“, додаде американскиот претседател, без да понуди какви било докази со кои би го поврзал овој упад со своите тврдења. Трамп со години ги оспорува наодите од истрагите за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година. Тој, исто така, продолжува да изнесува неосновани тврдења за распространети измами на изборите во САД.
Ова е втор значаен безбедносен инцидент поврзан со ФБИ во последните два месеца. Во септември, хакерска група позната како „Шајнихантерс“ (ShinyHunters) упадна во системи што содржат податоци за вработените во оваа американска федерална агенција. Тогаш, напаѓачите дојдоа до чувствителни информации за речиси сите вработени во ФБИ, како и за бројни службеници од локалните органи за спроведување на законот, кои учествувале во заеднички истражни тимови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата