Од Украина секој нов ден пристигнуваат вести за нови ужаси. Токму кога ќе се помисли дека не може да биде пострашно, следува нов руски напад врз цивилите. На 7 октомври, ракета погоди станбена зграда во Прилуки, додека луѓето сè уште спиеја. Следното утро, додека се утврдуваше конечниот биланс во Прилуки, руска бомба погоди автобуси со патници во Краматорск.
За семејствата на загинатите, преживеаните и спасувачите, ова се денови на незамислива болка. Хронологијата на двата напада сведочи за размерите на рускиот терор врз цивилното население на Украина.
7 октомври, утро: Ракета погоди станбена зграда во Прилуки
Рускиот напад врз Прилуки, во Чернихивската област, погоди петкатна станбена зграда. Според претседателот Володимир Зеленски, станува збор за директен погодок со крстосувачка ракета Х-101. Во првичната претседателска информација беа наведени пет загинати и 26 повредени, додека под урнатините сè уште се бараа луѓе.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објавата на X од 7 октомври предупреди дека станбената зграда била погодена додека луѓето сè уште спиеле.
Во освртот на поширокиот руски напад, Дир наведе употреба на „Циркон“, балистички ракети „Искандер“, 48 крстосувачки ракети и 130 дронови. Таа порача дека на Украина ѝ е потребна противвоздушна одбрана, а на Русија — санкции и јасен сигнал за неизбежноста на одговорноста.
7 октомври, навечер: Расте бројот на жртвите
Со расчистувањето на урнатините се откриваа размерите на трагедијата. Вечерниот извештај, украинската Државна служба за вонредни ситуации, наведе 19 загинати, меѓу нив пет деца, и 55 повредени. Спасувачите продолжија да ги пребаруваат уништените конструкции, а психолози им помагаа на преживеаните и на семејствата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата