Седумнаесетгодишен тинејџер од Австралија, кој се водел како исчезнат, е пронајден жив откако поминал шест дена во австралиската дивина, пренесува Би-би-си.
Седумнаесетгодишниот Вилијам исчезнал минатиот петок додека бил на кампување со пријатели, на околу 180 километри источно од Мелбурн.
Поради екстремно ниските ноќни температури, властите стравувале за неговата безбедност. Во потрагата биле вклучени полициски кучиња, нуркачи и хеликоптери.
За големо олеснување на семејството, младиот човек бил лоциран во петокот наутро. Спасувачите го извлекле на безбедно, му дале храна и вода, по што бил пренесен во болница на преглед.
Неговата мајка потврдила дека тој нема сериозни повреди – се здобил само со неколку гребаници – но низ шега додала дека сега е „казнет доживотно“ (забрането му е излегување од дома).
„Добро е; сè изгледа во ред. Во совршена здравствена состојба е“, изјавила за медиумите неговата мајка, Елизабет Баркли.
„Останал на едно место и чекал да биде спасен. Пресреќна сум“, додала таа, чувствувајќи огромно олеснување откако дознала дека нејзиниот син е на сигурно.
Полицајците признале дека биле прилично емотивни кога го пронашле тинејџерот неповреден.
„Ова не се случува секој ден. Сигурен сум дека има интересна приказна за раскажување, а ние со нетрпение сакаме да ја слушнеме“, изјавил вршителот на должноста инспектор Џејсон Бенбоу од полицијата во Викторија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата