logo
logo
logo

ОД АРМИЈА НА ТЕРЕН ДО АЛТЕРНАТИВНИ ПАТИШТА ЗА ГАС: Како Балтикот и Полска се спремаат за најлошото

Vecer | 10.08.2026

ОД АРМИЈА НА ТЕРЕН ДО АЛТЕРНАТИВНИ ПАТИШТА ЗА ГАС: Како Балтикот и Полска се спремаат за најлошото

Северните членки на НАТО што граничат со Русија ја засилуваат заштитата на браните, електраните, гасната инфраструктура и другите клучни објекти. Тие стравуваат дека Москва би можела да изведе напад со украински беспилотни летала и да го обвини Киев. Литванија минатата недела објави дека Русија разгледува такво сценарио, додека Полска, Латвија и Естонија, исто така, предупредија за можна саботажа што би можела да ја тестира реакцијата на НАТО, пишува Ројтерс.

Војската ги чува клучните објекти во Литванија

Кремљ ги отфрла ваквите тврдења. Портпаролот Дмитриј Песков минатиот месец ги нарече предупредувањата за руските тајни операции „страшни приказни“ што ја оправдуваат милитаризацијата против Русија. „Ние не сме наивни. Ги следиме информациите, читаме меѓу редови и преземаме потребни чекори“, рече литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас.

Минатиот месец, Литванија ја ангажираше армијата да ја поддржи полицијата во обезбедувањето на терминалот за течен природен гас, терминалот за нафтени деривати, важен далновод до Полска и реверзибилната хидроцентрала Круонис. „Испраќаме јасна порака дека сме подготвени да се одбраниме доколку е потребно“, рече Каунас.

Латвија, исто така, ја засили заштитата на критичната инфраструктура, вклучувајќи ја браната на реката Даугава во близина на Рига и подземното складиште за гас Инчукалнс. „Потенцијалната хибридна закана сега е поверојатна отколку порано“, рече летонскиот премиер Андрис Кулбергс.

Страв дека Русија би можела да изведе напад

Службеник на балтичкото разузнавање изјави за Ројтерс дека постојат проценки дека руските воени и цивилни разузнавачки служби размислуваат за напад врз инфраструктурата во Русија, балтичките држави или Полска.

Според тие информации, во нападот ќе бидат користени беспилотни летала произведени во Украина, а операцијата би можела да се спроведе неколку дена по одобрението од руското државно раководство, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.

Главниот страв не е само можната материјална штета. Службениците веруваат дека таков инцидент би можел да предизвика политички хаос во рамките на НАТО и дебата меѓу членовите за тоа како да се одговори. Друг функционер од регионот потврди дека предупредувањата од сојузничките разузнавачки служби се сфаќаат сериозно, но предупреди дека таков напад може да се случи „во секое време или никогаш“.

Полска подготвува алтернативни патишта за гас

Во Полска, енергетската компанија Орлен разгледува алтернативни патишта за увоз на гас во случај постојната инфраструктура да биде загрозена. Полска увезува околу 80 проценти од потребниот гас преку терминалот за течен природен гас во Швиноујшќе и подводниот гасовод од Норвешка.

Полската армија и операторот на преносниот систем дополнително го штитат далноводот до Украина, што помага во стабилизирањето на украинската електроенергетска мрежа.

Државната компанија задолжена за изградба на првата полска нуклеарна централа, исто така, истражува појава на фалсификувани документи, за кои тврди дека се обидуваат да ги збунат учесниците во проектот. Според компанијата, трагите од документите водат „на исток од Полска“, а случајот го истражуваат полицијата и безбедносните служби.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk