Нова еколошка иницијатива користи човечка коса за да ги заштити океаните. Од донираната коса се изработуваат бариери кои делови од бразилскиот брег ги штитат од загадувањето настанато со изливање нафта, пишува „Euronews“.
Технологијата, која веќе се користи во други земји како Чиле и Соединетите Американски Држави, ја инспирираше Маријана Робран, основачка на невладината организација „Fiotrar“, да го покрене и развие овој проект во Бразил. Првите тестирања беа спроведени во Енсеада де Бом Жезус, на брегот од заливот Гуанабара во сојузната држава Рио де Жанеиро, каде што веќе постоеше бариера за задржување отпад.
„Овие филтри се прицврстени за портокаловата плутачка бариера која го задржува отпадот, а неа ја користиме како поддршка за бариерата на ’Fiotrar‘“, објаснува инженерката за заштита на животната средина Ана Беатриз Гонсалвес, задолжена за неделното одржување на новите бариери.
Цилиндри исполнети со коса го задржуваат загадувањето
Така, во заливот Гуанабара, наместо мали чамци чии екипажи фрлаат мрежи за да ловат риба, сега е вообичаено да се види своевиден цилиндар исполнет со коса кој се спушта во водата за да создаде бариера која ги задржува нафтата, биодизелот и другите загадувачки супстанции.
Бариерите можат да останат во морето до четири месеци и притоа да го задржуваат загадувањето „од пловила, од нелегални испуштања и други извори на загадување“, објаснува хемичарката Каролина Карваљо. Проектот настана во земја со голем број фризерски салони, поради што има голем потенцијал бидејќи неговата главна суровина е речиси неисцрплива.
Десетина фризерски салони ја донираат истрижаната коса која нема да се користи за изработка на перики, а од неа се изработуваат тие еколошки прекривки. За филтрирање и впивање нафта може да се користи и животинска влакна.
За Маријана Робран, основачката на невладината организација, користењето на косата во хуманитарни цели не е новост. Во 2013 година го покрена хуманитарниот проект „Cabelegria“, чија цел беше да изработува перики од донирана коса за заболените од рак.
Изливањето нафта им штети на рибарите
Поради интензивниот поморски сообраќај и постојаното доаѓање и заминување на бродови, заливот Гуанабара со децении е изложен на различни видови загадување, поради што беше избран како една од локациите за тестирање на проектот. Во разговор за „Associated Press“, локалниот рибар Серхио Карваљо го опиша сериозниот проблем со загадувањето во тоа подрачје.
„Кога излегуваме да ловиме риба со мрежи, често наидуваме на изливања нафта кои ни ја отежнуваат работата. Нафтата останува на површината, но влијае врз сè до длабочина од околу метар и пол. Рибите исчезнуваат“, рече тој. Рибарската заедница, како и сите еколошки групи вклучени во проектот, се надеваат дека овие бариери од коса ќе помогнат во обновата на екосистемот и ќе придонесат за намалување на загадувањето во заливот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата