Саботните протести во градовите низ Франција против лошите образовни стандарди и високите трошоци за живот резултираа со нови немири за време на кои беа уапсени најмалку 400 лица, а згради и бизниси беа запалени низ целата земја.
Снимки од Лимож, каде што демонстрантите ја запалија зградата на градското собрание, симбол на градот и заштитен историски споменик од 19 век, се шират на социјалните мрежи вечерва. Градското собрание почна да се урива како резултат на пожарот.
Според проценките на новинските куќи и агенциите, денес на улиците на француските градови имало повеќе од половина милион граѓани.
Иако првиот дел од главниот планиран протест во Париз помина без инциденти, имаше жестоки судири со полицијата за немири, која, како што објави Би-Би-Си, употреби солзавец и водни топови против насобраните.
Згради беа запалени и во Париз и Лион, а во Лион беше уништена канцеларијата на туристичкиот одбор, сместена во зграда од 19 век. Грабежи имаше и во неколку други градови. Регистрирани се и случаи на вандализам во градските собранија и деловните згради.
Во главниот град Париз, главната поворка беше во голема мера мирна во текот на попладнето. Група млади луѓе изјавија за Би-Би-Си дека се „пацифисти“ кои „само се обидуваат да извршат притисок за промени, но ништо не се менува“. Сепак, неколку часа подоцна, полицијата регистрираше палење на неколку локации во градот, вклучувајќи го и Плоштадот на Републиката.
Продавниците беа ограбени, барем еден ресторан беше целосно изгорен, а имаше и судири меѓу одредени групи демонстранти.
Градоначалникот на Лион, Грегори Дусе, рече дека палењето на туристичката канцеларија на градот е „трагедија“ за градот.
- Ни ги крши срцата затоа што станува збор за многу препознатлива, добро позната историска зграда - рече тој.
Локалната полиција објави дека „непријателски настроени лица“ им оневозможиле на пожарникарите безбедно да го изгаснат пожарот. Министерството за внатрешни работи соопшти дека протестите вклучувале „целни акти на насилство“ од „лица со качулки“ на различни локации, вклучувајќи ги Париз, Марсеј, Рен, Тулуз и Анже.
Во Сент Етјен, еден млад човек ја изгуби раката откако експлодираше рачна граната.
Штети на згради се пријавени низ цела Франција, вклучувајќи ги градовите Гренобл, Авињон, По, Монпелје и Валанс. Во Париз беа ограбени продавници за облека и храна, додека во Лил беше провалена продавница на Apple, која потоа беше испразнета.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата