logo
logo
logo

Јавноста има право знае, и дознава

АНДОВ ТВРДИ: “ДОМАШЕН ФАКТОР СТОИ ЗАД АТЕНТАТОТ, ФБИ се чудеа како свесно се упропастува истрагата“

Vecer | 10.10.2026

АНДОВ ТВРДИ: “ДОМАШЕН ФАКТОР СТОИ ЗАД АТЕНТАТОТ, ФБИ се чудеа како свесно се упропастува истрагата“

Во амбиент на голем политички и медиумски притисок македонската влада и собрание да го прифатат бугарското вето зад кое, по дадена согласност на владата на СДСМ и ДУИ, застана и Европската унија во тој контекст се случува и злоупотреба на обидот за атентат врз тогашниот македонски претседател Киро Глигоров кој настан бугарската пропаганда во Македонија координирано со СДСМ се обидуваа атентатот да го употреби за аргумент против “српскиот свет“ (термин масовно употребуван во пропагандата) кој “стои зад атентатот“ за Македонија да остане во составот на Југославија. 

Македонија одамна пред тој ден на атентатот, 3. октомври 1995-та, веќе беше самостојна и независна држава особено кога од 8.април 1993 стана 181. членка на Обединетите нации со што како самостојна држава веќе беше надвор од Југославија, а со договорот од Дејтон кои започна уште во август, пред атентатот, а се формалиризираше од 1 ноември 1995. година заврши, и  југословенската војна и се дефинирани сите граници и држави кои произлегоа од војната.

Конференцијата во Дејтон беше под покровителство на САД кои ја признаа државноста и самостојноста на Македонија во 1994-та и Русија која ја призна државноста на Македонија меѓу првите држави во светот, уште во 1992 година.

Оттаму, не постои ни фактичка можност ни потенцијален мотив, ниту меѓународна поддршка, веќе самостојната Македонија по 3 октомври 1995 година да се откаже од својата самостојност и да се врати во Југославија која продолжи да постои по Дејтон како Сојузна Република Југославија составна од Србија и Црна Гора кои, во тоа време и години потоа, не беа држави самостојно признаени од Обедениетите нации. Црна Гора стана самостојна држава дури во 2006-та година по распадот на Сојуот со Србија, а Србија продолжи како наследник на СР Југославија.

Случајно, или не, на 5-ти октомври таа 1995. година, два дена по атентатот, Собранието го смени државното знаме на Македонија (Ѕвездата од Кутлеш) со сегашното чиј автор, по предлог на Љубомир Фрчкоски, е неговиот близок пријател Мирослав Грчев.

Шпекулациите и манипулациите кои деновиве се шират од бугарскиот конузлат на “Бихаќка“ и нивните бугарски и партиски медиуми кои, патем, за таа цел промовираа и книга на поранешен инспектор во МВР Зоран Доревски со тези во тој правец собрани по хотели, кафеани и бугарски новински натписи, станаа уште еден неуспшен обид за создавање пробугарско расположение во Македонија и притисок врз владата да го прифати бугарското вето.

Во 2018-та година Стојан Андов, поранешен претседател на собранието на Македонија во тоа време, и ВД претседател на државата по атентатот врз Киро Глигоров до неговото опоравување, издаде мемоари “До атентатот и по него“ . По тужба од Љубомир Фрчкоски, тогашен министер за внатрешни работи, со одлука на судот таа книга - е забранета! 

Вечер.мк дојде до содржината на фељтон објавен во Нова Македонија со извадоци од таа книга од каде се гледа дека Стојан Андов, експлицитно, организација и мотив за атентатот гледа во “внатрешен, домашен фактор“ и нивни врски и коруптивни интереси на подземјето од регионот како и разузнавачи од Грција што, очигледно, Фрчкоски го уплашило и погодило, се препознал и барал забрана за книгата што во 2019-та судот и го сторил. 

Но јавниот интерес да се откријат сведочења и детали за тој врвен криминален настан, што атентат сам по себе претставува, се посилен аргумент од страв и суета на еден бивш функционер кој е тема на тие сведочења и анализи од Андов, лице кое вршело врвни функции во време на атентатот и има информции и сознанија кои можат да се сметаат за компетентни. Нова Македонија нема забрани за објава на делови од книгата, тие се јавно достапни, и оттаму сметаме дека репринт објавите се легитимни и од врвен јавен интерес. Патем, и можност за сузбивање на пропагандата за која станува збор.

- Кои мотиви и луѓе стојат зад атентатот?

- Кој и зошто ја уништил истрагата спротивно на барањето на Американците и ФБИ?

- Зошто пред атентатот се барала оставка на Киро Глигоров?

Објавуваме две од вкупно десет продлженија на тој фељтон кои се однесуваат на атенатот.

Фељтон: СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (9)

Кога настана збрката во Република Македонија по атентатот, еден ден, беше тоа околу 14 часот, од пријавницата ме известија дека дошол дописникот на еден од највлијателните американски весници „Вашингтон пост“ и моли да го примам.

Тој инаку бил постојан дописник на тој весник од БиХ, а јас и не знаев дека е дојден во Скопје. Јас веднаш се согласив. Кога влезе човекот кај мене ми изгледаше како да е збунет, ама уште повеќе ми оставаше впечаток како да е зачуден. Седнавме.

Тој почна: „Господине претседателе, во нашата редакција оцениле дека настанала многу комплицирана состојба во Вашата земја и затоа добив налог да дојдам во Скопје, да ја видам атмосферата одблиску. Посетата кај Вас не ми беше во план. Вие сте претседател на Собранието, а сега го заменувате и претседателот на државата и не мора да ви одземам од времето. Си реков со другите функционери и со некои граѓани ќе разговарам за проблемите со кои се соочува земјата и ќе добијам некоја појасна слика.

Затоа барав да се сретнам првин со министерот за внатрешни работи и еве, со големо изненадување од разговорот со него, доаѓам да се видам и со Вас. Сакам да Ве известам дека министерот за внатрешни работи уште при почетокот на разговорот ми рече дека Вие сте го организирале извршувањето на атентатот врз претседателот Глигоров. Му поставив некои прашања, тој некако одговараше, ама таа прва информација што ми ја даде ми изгледаше премногу чудна, затоа си реков морам да го посетам и овој државен функционер.

За секој случај, патем доаѓајќи кон вас, го посетив шефот на Американската канцеларија за врски, господинот Виктор Комраз. Го информирав за разговорот со министерот за внатрешни работи и го прашав што мисли тој за таа информација. Тој мирно ми одговори: ’Тоа е глупаво тврдење, претседателот на Собранието, господин Андов, и да сакал не може такво нешто да изведе, бидејќи неговата функција тоа не му го овозможува. Ние во офисот знаеме колку господинот Андов ревносно и чесно си ја врши својата работа‘. Ете од тој разговор со господинот Комраз доаѓам кај вас“.

Потоа тој побара коментар од тој бесмислен испад на Фрчкоски, а јас му реков дека немам коментар, му препорачав сам да си извлече заклучок.

Ете тоа е еден пример што фрла одредена светлина на однесувањето на министерот за внатрешни работи Данаилов Фрчкоски кон одговорноста што фактички му следуваше кога ја вршеше таа работа. Американскиот новинар објави текст во „Вашингтон пост“ за својата посета во Македонија и во него со чудење информира и за тоа што нему му рекол Данаилов Фрчкоски, ама го наведуваше и ставот на Виктор Комраз.

Во интервјуто за неделникот „Фокус“ (21.6.2002), нашиот најпознат надворешнополитички коментатор, Љубомир Гајдов, раскажува што се случувало во Постојаната мисија на Република Македонија во Њујорк, на 3.10.1995 година, само шест часа по атентатот врз претседателот Глигоров.

Гајдов, тогаш дописник на МРТ од САД, вели дека министерот за надворешни работи Стево Црвенковски му претставил еден од помошник-директорите на ФБИ. Тој дошол во Њујорк да ги земе видеоснимките, фото и аудиоснимките што Гајдов ги снимил на демонстрациите на претставниците на македонската дијаспора на 1.10.1095 година во Њујорк, поради Привремената спогодба со Грција од 13.9.1995 година. Притоа се барала смртна казна за претседателот Глигоров и за министерот Црвенковски поради договорот со кој се откажале од нашето државно знаме со ѕвездата од Кутлеш!

Гајдов се сеќава сега дека американскиот функционер тогаш рекол оти само една минута по атентатот, специјалните служби од Вашингтон, Лондон и од Минхен пратиле идентични телеграми: „Не правете ништо на местото на злосторството, доаѓаат наши експерти“. Меѓутоа, два часа по атентатот, вашиот министер на полицијата го однел „мерцедесот“ во непознат правец. Зашто тој е мозок на атентатот, рекол притоа Американецот!? Ова на своевиден начин на Глигоров му го потврдил и тогашниот директор на ЦИА, Џорџ Тенет: „Знаете што, такви работи не се случуваат ако не е вмешан некој однатре“ („Фокус“, 9.2.2007).

Гајдов на крајот додава дека во нашето претставништво тогаш биле присутни и амбасадорите Денко Малески, Љубица Аческа, Насте Чаловски и Иван Тошевски, како и советникот Игор Џундев.

Со години потоа, од фактите што се појавуваа во јавноста, сѐ повеќе стануваше јасно дека толку темелното уништување на физичките докази и збунувачкото загинување на различни начини на личности што би можеле да проговорат и да фрлат друга вистинска светлина на настаните во целиот тој случај, помислував и сѐ повеќе се убедував дека поништувањето на сите докази и сите траги за атентатот мора да било темелно и прецизно планирано, како што темелно и прецизно бил планиран атентатот врз Глигоров.

Понатаму си мислев и за други важни настани што може да имаат врска со ова злосторство. Се потсетував на оној разговор што го имав со Киро Глигоров, по негово барање, кога тој ми рече дека претходно кај него дошол Бранко Црвенковски заедно со група министри и високи функционери во СДСМ и во име на сите присутни Бранко барал од Киро Глигоров веднаш да се повлече од функцијата претседател на РМ.

Тој настан се случи околу еден и пол месец пред атентатот. И затоа ме окупира мислата дека барањето од Киро Глигоров да поднесе оставка некаде во средината на август, дошло како неодложна потреба Глигоров да биде отстранет од таа функција, бидејќи се очекувале некои крупни настани во блиска иднина, а некој очекувал Глигоров да одигра улога, која ќе биде спротивна на барањата на некои стратегиски центри во земјата и во соседството.

Се покажа потоа дека навистина биле на повидок крупни настани во југословенската криза. Едниот од тие настани заврши со т.н. Дејтонски договор. Другиот со потпишувањето на Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција. Размислував така многу често и ги оценував сите тие настани и постапки.

Ако Киро поднесеше оставка, на пример уште тогаш во август, тоа веројатно ќе беше доволно важен фактор да може грчката страна да го избегне притисокот врз неа од страна на СБ (Совет за безбедност на Обединетите нации) и САД и поради конфузната ситуација што би настанала со оставката на Глигоров да биде невозможно некое брзо решение на тешката кризна состојба во односите меѓу Македонија и Грција, во која најсилно влијаеше ембаргото што го применуваше грчката влада кон нашата земја.

Ако внимателно се промисли, може да се заклучи дека Глигоров некому му пречел и затоа од него барале да даде оставка. Значи, во таков случај не би дошло до потпишување на Привремената спогодба и би почнале обиди да се наметне друго решение за РМ, таа да се втурне како дополнителна членка во федерацијата СР Југославија во која главната власт му припаѓаше на Милошевиќ. Таква идеја постојано беше присутна во размислувањата на Милошевиќ, но беше присутна и во размислувањата на повеќето грчки врвни политичари.

Во таа насока на размислување се вклопува и оној итен разговор што го бараше Бранко Црвенковски со мене наскоро по неговото барање Киро Глигоров да поднесе оставка. Како што веќе објаснив, во тој разговор Бранко од мене бараше да прифатам (по оставката на Глигоров) да бидам кандидат за претседател на Сојузот за Македонија на претседателските избори што би дошле по оставката на Глигоров.

Веројатно штабот што ги смислил сите тие работи, оценувал дека таа понуда од Бранко ќе ја прифатам. Ако постапев така, групата на Бранко Црвенковски, во која очигледно клучна улога имал Фрчкоски, ќе го исправеа Глигоров пред единството на сите членови од државната власт и единството на двете партии и тој навистина ќе мораше да поднесе оставка. Ако се случеше тоа, не ќе имаше до кого да се обрати соработникот на претседателот на САД, Ричард Холбрук, во Македонија за да овозможи решение, кое ќе доведе до стабилност на јужниот Балкан, со тоа што ќе ги деблокира односите меѓу Македонија и Грција.

Мојата улога во таа ситуација, откако ќе беше докажано дека комплетно се согласувам со таа група што сака да изнуди оставка од претседателот, ќе биде претставена во сосема друга светлина.

Бидејќи во медиумите господареа министерот Данаилов Фрчкоски и Бранко Црвенковски, а делумно и министерот Ханџиски, тогаш на тие луѓе не ќе им беше тешко во јавноста да докажат дека Глигоров всушност јас го уривам и дека целата криза што потоа би настанала би била предизвикана од мене.

Впрочем, како многу постар и поискусен од сите членови на таа група, можеби сум им се наметнал со таа криминална намера, за на следните претседателски избори да бидам единствен кандидат за претседател на Сојузот за Македонија. Кога така би се одвивале работите, ќе немаше привремена спогодба со Грција (За примена на ФИРОМ наместо Македонија) , ќе си продолжеше ембаргото и брзо откако ќе се загубеа сите надежи за подобрување во Македонија ќе дојдеше до крајно нестабилна ситуација, а можеби и до бунт.

Во тие услови веројатно и од меѓународната заедница ќе беше поддржана идејата Македонија да влезе во СР Југославија. Во секој случај, Киро Глигоров веројатно немаше да доживее атентат, ама во јавноста и тој и јас ќе бевме единствените виновници за катастрофалната состојба што ќе завладееше во земјата и веројатно ќе бевме изведени на суд.

Кога го ислушав новинарот од „Вашингтон пост“ за тоа што му рекол Фрчкоски, си помислив дека тој, Фрчкоски, фактички не сакајќи, открива дел од планот за отстранување и на Глигоров и за мое отстранување од политичката сцена.

Си помислив: „Ете, Фрчкоски се истрча и фактички призна дека однапред имало план како да нѐ отстранат од политичката сцена и мене и Глигоров“.

(Нова Македонија, 06.12.2018)

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (10)

На 29 септември 1995 година се роди внук ми, кому му го дадоа моето име. Значи, во семејството ни дојде новиот малечок Стојан Андов.

Пет-шест дена сѐ беше во ред. Си дојде мајка му со детето дома и бидејќи ѝ беше првороденче – постарите ја подучуваа за грижата. Покрај сите тие помагања, бебето нешто се разболе и мораа итно да го однесат во Детската болница во Козле. Тоа се случи околу 10 октомври. Вториот ден, кога детето веќе закрепнало, кога тргнав од канцеларијата, реков да појдам во болницата да го видам.

Кога му реков така на возачот, шефот на моето лично обезбедување, Даме Димитровски, се обиде да ме наговори да не одам во болницата туку да си појдам право дома. Тој не успеа да ме наговори, ама остана малку нерасположен.

Кога стигнав во болницата, појдов кон собата каде што беа сместени бебето и мајка му, гледам на вратата двајца полицајци во униформи и еден од помладите членови на моето обезбедување. Кај Валентина, мајката на бебето, во тој момент беше и директорката на болницата. Кога дојдов сите малку се збунија, а потоа Даме ме тргна малку настрана и ми објасни.

Во болницата некој се јавил и се заканил дека 10-дневното бебе, внукот на Стојан Андов, ќе го киднапира. Директорката веднаш се јавила во полициска станица, а оттаму ги пратиле полицајците во болницата, а му јавиле и на Даме за целиот случај, па тој го испратил во болницата помладиот член од моето лично обезбедување.

Навистина се изнервирав и бев налутен. Си велев, какви се овие луѓе што се служат со вакви методи? Тој ден, час или час и половина пред моето тргнување за болницата, ми заврши првата седница на Советот за национална безбедност, при што го искажав моето незадоволство од збунетоста во нашите институции поради лошиот почеток на истрагата за атентатот и самиот дадов неколку остри забелешки.

Потоа имав неколку средби во кабинетот, а навратив и во кабинетот на претседателот да видам дали има нешто ново. Некаде час и половина потоа, како што веќе реков, во болницата ѝ реков на директорката да не се грижи бидејќи некој лошо воспитан сакал да направи солена шега. Таа беше многу возбудена и ми рече: „Ама како тоа, претседателе, јас овде сум половина од мојот работен век и вакво нешто не ми се случило. Не побрзав јас тукутака да јавам во полиција. Повикот многу ме уплаши и им благодарам на полицајците што веднаш дојдоа“.

Другиот обид на застрашување се случи неколку дена од почетокот на 1996 година. Ќе беше тоа 4 или 5 јануари.

Наутро, штом ќе стигнев во канцеларијата, првин ги разгледував дневните весници. Овој пат прелистувајќи ја „Нова Македонија“, од весникот на подот падна едно писмо од авионска пошта. Го зедов писмото, го разгледав и видов дека е пратено до „Нова Македонија“ од Австралија, и тоа на 11 декември 1995 година.

Писмото беше отворено. Всушност, во пликот немаше писмо, наместо писмо некој вметнал исечок од „Нова Македонија“ со моја фотографија. Покрај тој исечок во писмото беше вметнато едно обично мало бело ливче. Кога го раздиплив ливчето, видов текст со печатни букви напишани рачно на англиски јазик. Во првиот ред пишуваше: „Глигоров имаше среќа“. А во вториот ред под првиот пишуваше: „Ќе ја има ли и Андов?“

Тоа фактички беше смртна закана. Меѓутоа, не ме заплаши, туку ме поттикна добро да размислам. Помислив дека писмото што било испратено од Австралија на 11 декември, имало друга содржина и друга тема упатени до редакцијата на „Нова Македонија“. Било некое сосема обично писмо.

На тоа помислив бидејќи, како што реков, на пликот имаше австралиски поштенски жиг од 11 декември, а текстот од исечокот во „Нова Македонија“ во кој беше и мојата фотографија беше објавен десетина дена подоцна. Значи, теориски не можел праќачот на писмото од Австралија да го вметне исечокот од „Нова Македонија“. Тоа, пак, значи дека писмото од Австралија некој во Редакцијата на весникот го заменил со заканата и со исечокот со моја фотографија, некаде по 24 декември 1995 година. Што е уште поважно, на мојата фотографија во текстот што беше вметнат во ковертот, на моето чело со црвено мастило беше напишана буквата Х.

Со тоа ми се даваше на знаење дека не ќе имам среќа како Глигоров, ама има и такви што помислуваат да ми пратат поздрав со куршум. Си помислив дека писмото е подметнато во редакцијата на „Нова Македонија“, бидејќи до таму било упатено оригиналното писмо со пликот од Австралија. Размислував и за други можности, ама бев сигурен дека „овој поздрав“ го добив од некого што бил вмешан во подготовките и извршувањето на атентатот врз Киро. Во секој случај бев смирен, бидејќи бев убеден дека по експлозијата на мината насочено кон Глигоров и за тие „мајстори“ би било премногу да стрелаат во мене со куршум. Можеби не бев во право, ама така си мислев.

Покрај сите овие драматични настани, треба да кажеме дека Собранието на 5 октомври го донесе Законот за ратификација на Привремената спогодба, а на 9 октомври го потпишав указот за објавување во „Службениот весник“ на Привремената спогодба помеѓу Р Македонија и Р Грција и за нејзино применување. За жал, поради објективните околности, указот го потпишав два пати: и како претседател на Собранието и како вршител на должноста на функцијата претседател на Републиката.

Откако на 10 јануари 1996 година му ја предадов функцијата, која поради околностите присилно ја вршев, Киро Глигоров ми изглeдаше сѐ уште трауматизиран.

Во кусиот разговор забележав дека се интересира за почнување со работа на Агенцијата за разузнавање како важен уставен орган, кој не е под контрола на министерот за внатрешни работи, туку е под директна контрола на претседателот на државата.

Ми кажа за некои негови размислувања како да се востанови тој орган и да почне со работа. Киро во тој момент се надеваше дека Агенцијата за разузнавање ќе овозможи да се почне со разоткривање на сѐ она што Министерството за внатрешни работи го скри и го покри во врска со атентатот врз него.

Затоа, ми рече дека многу размислува како ќе одат работите со оспособувањето на таа агенција за нормална работа. Притоа ми даде до знаење дека е свесен, агенцијата не може бргу да дојде до резултат. Но, се надеваше дека таа агенција ќе воспостави контакт со слични служби од пријателските земји, како што се САД, В. Британија, Германија и Франција, за да се дојде до некои попрецизни сознанија за тоа кој го инспирирал и го подготвувал атентатот од 3 октомври 1995 година. Во тој момент, на Киро му беше важно која личност ќе раководи со таа институција. Поразговаравме и за тоа прашање.

Двајцата во гласното размислување наjмногу го спомнувавме тогашниот министер за правда Владо Поповски. И на двајцата ни паднало в очи дека вршејќи ја функцијата министер за правда, Поповски не само што не се вклучи во забошотувањето на целиот тој случај со атентатот, туку, толку колку што му дозволуваше функцијата, се обидуваше да влијае, инсистирајќи на непречен тек на истрагата.

По оваа негова идеја за Агенцијата за разузнавање, Глигоров презеде неочекуван чекор во почетокот на февруари. Тој јавно инсистираше и бараше од генералниот директор на Радио-телевизијата на Македонија, госпоѓа Мелпомени Корнети, веднаш да го разреши од функција директорот на телевизијата Сашо Ордановски. Таа навистина го стори тоа. Со тој потег Глигоров даде до знаење дека не се помирува со разбивањето на Сојузот за Македонија.

Долго потоа, одвреме-навреме, се среќававме со Киро Глигоров, но можам да кажам дека по атентатот Киро веќе не беше оној Киро што го познавав пред тоа.

Во меѓувреме, Бранко Црвенковски најави реконструкција на Владата. Беше најавено дека со реконструкцијата од Владата ќе бидат исфрлени членовите што ѝ припаѓаат на ЛП (Либерална партија). Тие денови Глигоров даде неколку изјави по разни прашања и во секое од нив предупредуваше да не се распаѓа Сојузот за Македонија, да се зачува, бидејќи ако се распадне – последиците ќе бидат многу штетни за државата, а земјата ќе навлезе во неизвесност. Сите апели на Глигоров за спасување на Сојузот за Македонија одекнаа во празно. Бранко Црвенковски си ја тераше својата агенда усогласена со некои подземни центри во земјата и во соседството.

На 23 јануари 1996 година се одржа седницата на која беше усвоена предложената реконструкција на Владата и со која министрите-членови од ЛП беа исфрлени од Владата.

При заклучувањето на седницата реков дека поднесувам оставка од функцијата претседател на Собранието. Ги известив пратениците дека моето барање за разрешување од функцијата ќе биде разгледувано на првата наредна седница на Собранието. Таа седница се одржа на 6 март и на нејзината прва точка бев разрешен од функцијата претседател на Собранието.

(Нова Македонија, 07.12.1998)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk