Италијанската војска соопшти дека отстранила и деактивирала 250 експлозивни направи кои биле запечатени во мразот повеќе од 100 години и биле откриени откако ги виделе планинари.
Експлозивите, меѓу кои имало италијански артилериски гранати и француски минофрлачки гранати, биле отстранети и деактивирани од воената бригада „Јулија Алпини“, според соопштението за медиумите од италијанската војска и од весникот „Гардијан“.
Оружјето потекнува од Белата војна (алпскиот фронт во Првата светска војна) помеѓу австроунгарската војска и италијанските единици на опасен и исклучително ладен терен.
Повеќе од еден век подоцна, планинарите пријавиле неколку пронајдени бомби во текот на летото, главно во областа на Канал Сан Бово во долината Примиеро во источен Трентино, по што војската го пребарала теренот и сите други локации на голема надморска височина и глечерите во регионот Трентино-Јужен Тирол (Алто Адиџе) на Доломитите, кои значително се стопиле.
Ова не е првпат остатоци од војната да испливаат на површина поради топењето на глечерите, чие повлекување е забрзано во последните деценија и пол.
„Тоа во голема мера се должи на глобалното затоплување“, изјави Стефано Морозини, професор на Универзитетот во Бергамо и координатор на проекти за културно наследство во Националниот парк Стелвио, каде што беа пронајдени дел од експлозивите.
A significant cache of unexploded bombs from the first world war emerged this summer from rapidly retreating glaciers in the Dolomites, the Italian army has said. https://t.co/YiL9IcNQgk
— Gary Buckley™ (@myrddenbuckley) October 27, 2026
На алпинистите им се советува „никогаш да не допираат каква било експлозивна направа што ќе ја најдат, без разлика каде се наоѓа“ и веднаш да пријават какво било откритие во полиција.
Таканаречената Бела војна, водена главно во Доломитите на Трентино-Алто Адиџе и на Алпите во регионот Ломбардија, беше период од историјата замрзнат во времето сè до 1990-тите години, кога глобалното затоплување почна да открива низа совршено зачувани реликвии, вклучувајќи оружје, санки, писма и дневници.
Дрвената колиба, која беше ископана во пештера на врвот на планината Скорлуцо, врв висок 3.095 метри со поглед на превојот Стелвио, повторно се појави во 2015 година откако мразот што ја чуваше речиси еден век целосно се стопи.
Засолништето било набрзина заклучено кога завршила Првата светска војна во ноември 1918 година, а војниците зад себе го оставиле поголемиот дел од своите работи.
Внатре биле пронајдени добро зачувани сламени кревети, заедно со облека, фенери, весници, разгледници, монети и конзервирана храна.
Музејот на Белата војна, каде што ќе бидат изложени реликвиите, треба да се отвори во Бормио во јуни 2027 година.
Се смета дека Белата војна однела повеќе од еден милион животи, иако се верува дека повеќето војници загинале во лавини, од падови од планина или од хипотермија, а десетици тела, некои сè уште во униформа, се појавија од топењето на мразот во изминатите 15 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата