Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска повика на создавање стратешки сојуз меѓу европските и азиските земји, предупредувајќи дека нарушувањето на досегашниот светски поредок ги загрозува нивните заеднички интереси.
„На прагот сме на нова геополитичка ера. Нашата слобода, нашиот суверенитет, нашата безбедност и нашиот просперитет се во прашање“, рече Мерц во говорот во Сингапур, на почетокот на еднонеделната турнеја низ Азија, во рамките на која ќе ги посети и Јапонија и Јужна Кореја.
Тој предложи меѓурегионален договор со членките на Сеопфатниот и прогресивен договор за транстихоокеанско партнерство (CPTPP), кој опфаќа 12 земји, меѓу кои Јапонија, Велика Британија, Канада и Сингапур.
„Заедно со Европската Унија, овие партнери сочинуваат повеќе од една третина од светската трговија“, рече тој.
Германскиот канцелар ја опиша иницијативата за поблиски врски меѓу Европа и Азија како „долгорочна и стратешка по својата природа“ и рече дека таа е „еден од нашите најважни одговори на новата ера“.
Мерц рече дека германската политика кон Кина „созрева“ и дека е усогласена со политиката на Европската Унија. Тој предупреди дека целосното прекинување на економските врски со Кина би било „грешка“ што „нема да нè направи ниту побезбедни, ниту побогати“.
Наместо целосно прекинување на соработката, тој смета дека европските и азиските земји треба да ја намалат зависноста од Кина во снабдувањето со суровини, технолошки производи и со други важни стоки.
Мерц, сепак, предупреди дека се потребни мерки кога конкуренцијата на пазарот не е рамноправна, особено кога причината се прекумерното производство или ограничувањата за извоз.
Министрите на ЕУ минатата недела повикаа на договори со Пекинг за ограничување на увозот во повеќе сектори, меѓу кои хемиската индустрија и машинството, со цел да се реши трговскиот дефицит со стоки, кој надминал една милијарда евра дневно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата