Ова е едно од двете сценарија за ставање крај на војната, кои американските претставници ги изнесоа за време на разговорите со украинските и европските функционери, пренесува „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на лица запознаени со преговорите.
Второто сценарио предвидува замрзнување на конфликтот долж сегашната линија на фронтот, при што Украина би ја задржала територијата што моментално ја контролира, а за возврат би добила безбедносни гаранции од САД – а потенцијално и од европските сојузници.
Ваквите предлози би претставувале значителна промена во политиката на САД кон Украина. Доналд Трамп претходно ја отфрли можноста Украина да се приклучи кон НАТО, тврдејќи дека таков потег би бил неприфатлив за Русија и би можел да доведе до директен конфликт меѓу Западот и Москва.
Според „Волстрит џурнал“ (WSJ), зетот и специјален пратеник на Трамп, Џаред Кушнер, во текот на изминатите месеци во неколку наврати разговарал за можноста Украина да стане членка на НАТО во замена за територијални отстапки кон Русија. Оваа идеја била покрената за време на средбите меѓу Кушнер, уште еден американски пратеник – Стив Виткоф – и европски претставници.
Последен пат тоа се случило минатата недела во Даблин, каде што тие се сретнале со украинскиот претседател Володимир Зеленски, неговиот советник Рустем Умеров и европски претставници за безбедност.
Предлогот бил спомнат и за време на преговорите во Обединетите Арапски Емирати, каде што американските претставници разговарале со украински, руски и европски претставници. Еден европски лидер изјавил за „Волстрит џурнал“ дека за слична можност се разговарало уште во август.
Првото сценарио предвидува Украина да ѝ го отстапи на Русија преостанатиот дел од Донбас што е моментално под нејзина контрола, во замена за полноправно членство во НАТО.
Второто сценарио предвидува прекин на конфликтот долж моменталната линија на фронтот. Во овој случај, Украина би задржала дел од Донбас, но наместо членство во НАТО, би добила безбедносни гаранции дефинирани преку меѓународен договор со САД – а потенцијално и со европските сојузници.
Претставник на американската администрација изјави за „Волстрит џурнал“ (WSJ) дека преговарачите разгледуваат различни опции, но нагласи дека секој конечен договор ќе мора да биде прифатен и од Украина и од Русија.
Трамп му се јавил на Кушнер за време на состанок во Берлин.
Оваа нова информација доаѓа по вчерашниот состанок во Берлин на таканаречената „коалиција на волните“, на кој европските лидери, Зеленски и американските преговарачи разговараа за идната безбедност на Украина.
Според двајца учесници на состанокот, Трамп му се јавил на Кушнер од авионот „Ер форс уан“ (Air Force One), додека се враќал од самитот со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг. Трамп им рекол на европските лидери и на Зеленски – кои биле собрани заедно со Кушнер – дека Путин е уморен од војната и е подготвен за договор. Тој исто така сугерирал дека, со постигнување мировен договор, би можеле да заштедат значителна сума пари што моментално се трошат за поддршка на Украина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата