Норвешката енергетска компанија „Еквинор“ (Equinor), која важи за најголем поединечен снабдувач на Европа со природен гас, соопшти дека е цел на координиран сајбер напад, пренесуваат светските медиуми. Според официјалните информации од компанијата, упадот бил насочен кон одредени информациони системи, поради што веднаш се ангажирани специјализирани тимови за сајбер безбедност со цел да се изолира и неутрализира заканата.
Од „Еквинор“ уверуваат дека според досегашните проверки, инцидентот немал никакво влијание врз редовното производство на нафта и природен гас, ниту пак засега постојат индиции дека дошло до кражба на доверливи податоци. За случајот веднаш се известени надлежните норвешки безбедносни органи, додека околностите под кои е изведен нападот и идентитетот на сторителите сè уште се истражуваат. Со оглед на клучната улога што оваа компанија ја има во снабдувањето на европскиот пазар со енергенси, заштитата на нејзината дигитална и физичка инфраструктура се смета за прашање од врвен приоритет за енергетската стабилност на целиот континент.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата