ФРАНЦУСКАТА ПОЛИЦИЈА ОТКАЖА ПОСЛУШНОСТ? - Специјалците не се јавија на должност

Vecer | 18.11.2026

ФРАНЦУСКАТА ПОЛИЦИЈА ОТКАЖА ПОСЛУШНОСТ? - Специјалците не се јавија на должност
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Специјалната единица на француската полиција наменета за брзи интервенции и сузбивање улични немири, ЦРС 8 (CRS 8), воопшто не се појавила на должност за време на вчерашните масовни протести широм Франција, пренесуваат француските медиуми. Повикувајќи се на полициски извори, медиумите наведуваат дека сто проценти од припадниците на оваа единица побарале лекарски консултации и отвориле боледување, со што целосно било оневозможено нивното ангажирање на терен во критичниот ден. Неименуван припадник на единицата изјавил дека специјалците се чувствуваат навредено, бидејќи наместо да бидат користени за брзи интервенции за што се обучени, за време на последните четири демонстрации во Париз биле испраќани само да стражарат околу Плоштадот на нацијата.

Од полицискиот синдикат „Уните“ посочија дека со месеци го предупредувале Министерството за внатрешни работи за екстремната исцрпеност и премореност на безбедносните сили, нагласувајќи дека неколку стотици службеници распоредени во десет единици биле принудени да побараат медицинска помош. Генералната секретарка на синдикатот, Линда Кебаб, воедно упати повик за генерален штрајк до целокупниот административен, технички и специјализиран кадар во полицијата. Инаку, масовните протести во вторникот беа организирани поради растот на трошоците за живот и барањата за повисоки плати во јавниот сектор, при што според податоците на МВР на улиците излегле 150.000 граѓани — од кои 28.000 во Париз — додека најголемиот синдикат ЦГТ тврди дека бројката надминала половина милион демонстранти ширум земјата и 175.000 во главниот град.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk