Поранешниот шеф на германската Федерална разузнавачка служба (БНД), Аугуст Ханинг, е уапсен под сомнение за шпионажа, јавува германската новинска агенција ДПА. Уапсен е и еден од неговите поранешни блиски соработници.
Ханинг ја предводеше БНД од 1998 до 2005 година, по што беше државен секретар во германското Министерство за внатрешни работи.
Според информациите на „Билд“ (Bild), истрагата против 80-годишниот Ханинг ја води германскиот федерален јавен обвинител, а тој е осомничен и за велепредавство, оддавање или прибавување државни тајни и разузнавачка дејност за странска сила.
„Билд“: Купувал доверливи информации од поранешен вработен во БНД
„Билд“ тврди дека Ханинг за пари прибавил тајни информации од поранешен вработен во БНД, кои биле наменети за разузнавачки брифинзи во Кабинетот на канцеларот.
Истражителите се сомневаат дека тој потоа имал намера да ги искористи или препродаде преку својата консултантска фирма. Овие информации сè уште не се независно потврдени преку официјално соопштение од Канцеларијата на федералниот обвинител.
Засега, ДПА само потврдува дека Ханинг и уште еден поранешен соработник се уапсени под сомнение за шпионажа и дека истрагата е во тек.
Трага за истрагата се појави во случајот со Кристина Блок
Уште минатата година, Ханинг се најде под лупата на германските истражители во сосема друг случај.
Германските медиуми тогаш објавија дека обвинителството ја истражува неговата можна улога во обидот за киднапирање на децата на претприемачката од Хамбург, Кристина Блок. Во септември 2025 година, извршен е претрес и во деловните простории на една безбедносна компанија поврзана со Ханинг. Ханинг ги негираше тие обвинувања.
Според „Билд“, токму за време на таа истрага истражителите пронашле траги што ги насочиле кон можното протекување на тајни податоци од БНД.
Еден од најважните германски разузнавачи
Ханинг ја предводеше БНД седум години, од 1998 до 2005 година, за време на владата на канцеларот Герхард Шредер. По заминувањето од БНД, тој стана државен секретар во Министерството за внатрешни работи, каде што остана до 2009 година.
Како поранешен шеф на германската разузнавачка служба за странство, тој со години јавно коментира теми поврзани со тероризмот, Русија, безбедносната политика и работата на разузнавачките служби.
Досега, германските власти не соопштија на кого требало да му се предадат доверливите информации, ниту пак дали постојат докази дека тие навистина завршиле кај некоја странска разузнавачка служба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата