Обилни дождови и поројни врнежи предизвикаа поплави и сообраќаен хаос во јужна Италија, особено во Неапол и Бриндизи. Во 46 општини во регионот Кампанија е на сила мерка за затворање на училиштата.
Портокаловото метео-предупредување останува во сила до 15 часот за Неапол, Кампаниската Рамнина, подрачјето околу Везув и островите во Неаполскиот Залив. За останатите области е издадено жолто предупредување, пренесува „Аднкронос“.
Во Неапол, поплавите најсилно ги погодија западните делови на градот, меѓу населбите Фуоригрота и Бањоли.
Противпожарните екипи интервенирале во повеќе општини за да ги отстранат последиците од поплавите и да им помогнат на возачите заглавени во своите возила.
Во местото Мелито, пожарникарите отстранувале олуци и нестабилни делови од ѕид што претставувале опасност за безбедноста.
Поради невремето бил одржан и состанок на координативниот центар за вонредни ситуации, по силните поројни дождови што го зафатиле поширокото градско подрачје, особено општините Арцано, Грумо Невано и Џулијано.
Во Бриндизи, пожарникарите од синоќа работат на отстранување на последиците од обилните врнежи, испумпување на водата од поплавените подрачја и обезбедување на загрозените делови од градот. Поплавен е и подвозник за пешаци.
Утрово, противпожарните екипи интервенирале и на регионалниот пат 50, меѓу Франкавила Фонтана и Вила Кастели, каде што се случила сообраќајна незгода во која учествувал автомобил.
Возачот бил спасен и пренесен во болница пред пристигнувањето на пожарникарите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата