Не давајте пари!

ЕУ СÈ УШТЕ НЕМА ДАТУМ - ETIAS одложен за 2027

Vecer | 12.11.2026

ЕУ СÈ УШТЕ НЕМА ДАТУМ - ETIAS одложен за 2027
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Европскиот систем за информации и одобрување патувања (ETIAS), чиј почеток првично беше најавен за последниот квартал од 2026 година, се очекува да започне со работа во 2027 година, но сè уште нема конкретен датум за неговото активирање.

На официјалната страница на Европската Унија за патувања е наведено дека ETIAS моментално не е во функција и во овој момент не се примаат барања за одобренија за патување. Европската унија ќе информира за конкретниот датум на почетокот на работата на ETIAS неколку месеци пред неговото воведување, стои на станицата на ЕУ.

Новиот временски рок е наведен и во официјалните известувања на дипломатските претставништва на Полска, додека на интернет-страницата на Европската Унија за ETIAS засега стои само дека системот не е оперативен и дека датумот ќе биде соопштен неколку месеци пред неговото воведување.

ЕТИАС претставува електронски систем за претходно одобрување патувања, кој ќе важи за државјаните на земјите што имаат безвизен режим со ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Системот ќе се применува при краткорочни патувања во 30 европски земји, вклучувајќи ги државите од Шенген-зоната и Кипар, а неговата цел е однапред да се проверуваат патниците и да се зајакне безбедноста на надворешните граници.

По неговото активирање, македонските граѓани ќе треба пред патувањето електронски да поднесат барање за одобрение, преку официјалната интернет-страница или мобилната апликација на ETIAS. За апликацијата ќе се плаќа надомест од 20 евра, додека лицата помлади од 18 и постари од 70 години ќе бидат ослободени од плаќање.

Одобрението ќе важи три години или до истекот на пасошот, доколку тој истекува порано. Во тој период ќе бидат дозволени повеќекратни патувања, со престој до 90 дена во рамките на 180 дена. ЕТИАС нема да претставува виза, туку задолжително електронско одобрение за патување, кое, пак, само по себе не гарантира влез во земјата.

До официјалното активирање на системот, македонските граѓани немаат обврска да аплицираат ниту да плаќаат за ЕТИАС, а безвизниот режим продолжува да важи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk