ЕВРОПА ПОВТОРНО НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА - Но, Путин постави еден услов!

Vecer | 13.11.2026

ЕВРОПА ПОВТОРНО НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА - Но, Путин постави еден услов!
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Рускиот претседател Владимир Путин се согласил европски претставници да учествуваат во следната рунда мировни преговори за Украина, соопшти американскиот специјален пратеник Стив Виткоф по средбата со Путин во Кремљ.

Сепак, Путин порача дека САД треба да разговараат со своите европски сојузници за да утврдат дали тие навистина сакаат мир или војна во Украина.

Вклучувањето на Европа во преговорите би можело да биде важен чекор кон постигнување договор, но изјавите на Путин покажуваат дека несогласувањата меѓу Москва и европските земји и натаму се големи.

„Европејците ќе учествуваат на следната средба. Ова е многу важно за нас бидејќи тие се наши партнери и сакаме да бидат дел од разговорите“, изјави Виткоф за руската државна телевизија.

По средбата во Москва, Виткоф и другиот американски пратеник Џаред Кушнер отпатуваа за Ирска, каде што се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој ја поздрави можноста за продолжување на преговорите и најавата дека во нив ќе учествуваат и европските земји.

Сепак, Зеленски посочи дека се појавиле и нови проблеми во односите со Вашингтон. Тој предупреди дека новите ограничувања влијаат врз сателитскиот систем „Старшилд“, кој украинската војска го користи за комуникација на фронтот. Зеленски додаде дека му е „малку чудно“ што САД разговараат со Русија за создавање нов безбедносен поредок во Европа.

Путин бара Европа да одлучи дали сака мир или војна

За време на разговорите во Кремљ, Џаред Кушнер му рекол на Путин дека САД забележале „голема промена“ во ставот на европските земји. Тој изразил уверување дека нивното вклучување во преговорите нема да го попречи постигнувањето напредок.

Путин, пак, изјави дека Русија никогаш не одбивала да разговара со Европската Унија за Украина, туку дека токму европските земји го прекинале дијалогот со Москва. Тој се спротивстави и на предлогот по евентуалниот мировен договор во Украина да бидат распоредени западни војници. Според него, Русија би го сметала тоа за закана за својата безбедност, што би можело повторно да ја разгоре војната.

„Би сакале вие, господа, и американската администрација да разговарате со вашите европски сојузници за тие конечно да одлучат што сакаат: мир или војна во Украина“, рече Путин.

Сепак, советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, по средбата не потврди дека европските претставници ќе учествуваат во следната рунда преговори. Тој оцени дека сегашниот пристап на европските земји кон Украина води кон „бескрајна војна“.

По средбата со американските пратеници во Даблин, Зеленски изјави дека е важно преговорите да продолжат и дека на дневен ред треба да се најдат конкретни чекори за намалување на судирите и за прекин на огнот.

„Важно е да се отстранат сите пречки“, рече украинскиот претседател.

Тој додаде дека двете страни ќе работат на предлози за намалување на воените дејствија и за постигнување прекин на огнот.

Дводневните разговори меѓу Русија, Украина и САД во Абу Даби оваа недела беа први директни преговори меѓу Москва и Киев со американско посредство по пауза од девет месеци. Двете страни соопштија дека е постигнат одреден напредок, но дека остануваат сериозни несогласувања, особено околу териториите.

Русија контролира околу една петтина од украинската територија, додека Киев одбива да се откаже од преостанатиот дел од Донбас, регионот на истокот на земјата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk