Украинската влада официјално побара објаснување од американското Министерство за одбрана и од компанијата „СпејсЕкс“ (SpaceX) поради новите ограничувања на воениот сателитски систем „Старшилд“ (Starshield), за кои Киев тврди дека сериозно ги попречуваат операциите на украинската армија во контролата и пресретнувањето на руските дронови.
Претседателот Володимир Зеленски порача дека воената истрага покажала оти не станува збор за случајни технички грешки, туку за систематски рестрикции на брзината долж целата линија на фронтот. Според украинскиот вршител на должноста во САД, Денис Сјеник, системот автоматски се исклучува кога дроновите летаат побрзо од 161 километар на час, а неименуван украински функционер тврди дека блокадите траат веќе три дена, ескалирајќи од 10 отсто зафатени операции првиот ден до целосен неуспех на сите мисии третиот ден.
Од друга страна, компанијата „СпејсЕкс“ на американскиот милијардер Илон Маск категорично ги отфрли ваквите обвинувања, порачувајќи за порталот „Аксиос“ дека тврдењата не се точни и дека не биле направени никакви промени во системот. Ситуацијата доби и дополнителна политичка димензија откако Зеленски посочи дека ограничувањата започнале непосредно пред средбата на американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ. Загриженост изрази и двопартискиот Конгресен кокус за Украина во Вашингтон, кој побара целосен увид и одговор од администрацијата на претседателот Доналд Трамп и од „СпејсЕкс“ за нарушувањата во функционирањето на системот што украинските сили го користат врз основа на меѓудржавен договор со САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата