Европската Унија платила 8,7 милијарди евра, односно околу 9,6 милијарди долари за руски течен природен гас во првите десет месеци од 2026 година. Станува збор за испораки од рускиот проект „Јамал ЛНГ“ на Арктикот, покажуваат податоците на невладината организација „Ургевалд“, повикувајќи се на аналитичките податоци на компанијата „Кплер“- пишува Еуроњуз.
Според организацијата, сумата што европските земји ја платиле за рускиот гас од почетокот на годината е за повеќе од една петтина поголема од вкупниот износ што го потрошиле за овие испораки во целата 2025 година. Овие податоци доаѓаат во период кога Европската Унија се подготвува да ја воведе целосната забрана за увоз на руски гас, како дел од стратегијата за намалување на енергетската зависност од Москва и ограничување на нејзините приходи од продажбата на енергенси.
Во октомври земјите од ЕУ увезле 705.591 тон течен природен гас од проектот „Јамал“, што е за 11 проценти помалку во споредба со септември. Сепак, поради повисоките цени, вредноста на плаќањата се зголемила за 2,6 проценти на месечно ниво. Франција била убедливо најголемата дестинација за рускиот течен природен гас во октомври, со учество од 70 проценти во вкупниот увоз на ЕУ од овој проект. Седум танкери пристигнале во француските пристаништа, два во Шпанија и еден во Холандија.
Интересно е што Белгија, која традиционално е меѓу главните купувачи на руски течен гас, немала регистрирани испораки на терминалот Зебриж во периодот од август до октомври. Во Франција биле испорачани седум танкери, два пристигнале во Шпанија, а еден во Холандија. Франција била главната дестинација за октомвриските испораки, додека Белгија останува меѓу најголемите приматели на руски гас во текот на целата година.
Според податоците на „Ургевалд“, од јануари до октомври европските пристаништа примиле вкупно 12,89 милиони тони течен природен гас од проектот „Јамал“, преку 177 испораки. Тоа е раст од 6,3 проценти во однос на истиот период лани. Европа презела дури 81 процент од вкупните регистрирани испораки на овој проект. Организацијата предупредува дека губењето на европскиот пазар ќе претставува сериозен логистички и финансиски предизвик за Русија. Гасот од арктичкиот проект се транспортира со специјализирани танкери способни да пловат низ замрзнати води, а европските пристаништа се релативно блиску до местото на производство. Доколку овие испораки бидат прекинати, Русија ќе мора да бара други пазари, особено во Азија, што би значело подолги транспортни рути, повисоки трошоци и посложена логистика.
Сепак, останува прашањето колку целосно ќе се спроведе европската забрана и дали ќе има дополнителни исклучоци или можности за пренасочување на договорените количества кон други пазари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата