ОСТАНУВА ли ЕВРОПА БЕЗ ГАС? Вонредно предупредување од „Газпром“

Vecer | 06.11.2026

ОСТАНУВА ли ЕВРОПА БЕЗ ГАС? Вонредно предупредување од „Газпром“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Европа почна забрзано да ги троши резервите на природен гас уште пред вистинскиот почеток на зимата, предупреди рускиот енергетски гигант „Гаспром“.

Количините повлечени од подземните складишта во 4 дена на крајот од октомври и почетокот на ноември достигнале рекордни вредности за тие календарски датуми. Компанијата тврди дека ваквото темпо може да го загрози сигурното снабдување со гас во периодите на најголема зимска потрошувачка.

Според „Гаспром“, рекордно повлекување гас било забележано на 28 и 29 октомври, како и на 1 и 2 ноември.

„Гас веќе се повлекува од европските складишта со голема брзина. Повлечените количини на 28 и 29 октомври, како и на 1 и 2 ноември, беа најголеми за тие датуми откако започна водењето евиденција“, соопшти компанијата.

Рускиот енергетски гигант предупредува дека брзото празнење на складиштата може постепено да го намали количеството гас што тие се способни да го испорачуваат на дневно ниво. Таквата состојба би била особено проблематична при нагло зголемување на побарувачката во најстудените зимски денови.

„Ова ги зголемува ризиците за сигурното снабдување со гас на потрошувачите“, предупреди „Гаспром“.

Според податоците што ги наведува компанијата, повикувајќи се на организацијата „Гас инфраструктура Европа“, европските подземни складишта на 28 октомври биле наполнети 74,9%. „Гаспром“ тврди дека тоа е историски најниско ниво за почетокот на сезоната на повлекување гас.

Особено ниски биле резервите во Германија, Холандија и Австрија, каде што исполнетоста на складиштата била под 70%.

Германија, која располага со едни од најголемите капацитети за складирање гас во Европа, ја започнала сезоната со наполнетост од само 61,6 проценти. Според руската компанија, тоа е најниското забележано ниво за почеток на сезоната.

Во доставените извештаи се наведува и претходно предупредување на Меѓународната агенција за енергија дека европските резерви би можеле да паднат под 10 проценти од вкупниот капацитет до крајот на грејната сезона.

Подземните складишта имаат важна улога во европскиот енергетски систем бидејќи во текот на зимата можат да покријат до една третина од потребите за гас во Европската Унија.

Европската регулатива за складирање гас, усвоена во 2022 година, постави цел складиштата да бидат наполнети до 90 проценти пред почетокот на зимската сезона.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk