Парламентот на Гренланд денес го ратификуваше безбедносниот договор со Соединетите Американски Држави, постигнат претходно оваа година со американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се проширува военото присуство на САД на арктичкиот остров, а воедно се зачувува данскиот суверенитет и правото на самоопределување на Гренландците.
16 пратеници гласаа за договорот, ниту еден не беше против, додека седум беа воздржани, објави Ројтерс.
Некои претставници на опозицијата ги доведоа во прашање неговите економски придобивки за Гренланд.
Министерот за надворешни работи на Гренланд, Муте Егед, рече дека ратификацијата е важен чекор за островот, нагласувајќи дека безбедноста и стабилноста повеќе не можат да се земаат здраво за готово.
- Мораме да прифатиме дека мирот и стабилноста повеќе не се нешто што можеме да го земаме здраво за готово, им рече Егед на пратениците во Нук непосредно пред гласањето.
Опозициската партија Налерак, која најмногу се залага за независноста на Гренланд, изрази сомнежи за економските придобивки од договорот.
- Бараме подобар договор што ќе ни користи кога ќе станеме независна земја. Сепак, не постигнавме никаква економска корист од овој договор, рече лидерот на партијата Пеле Броберг.
Договорот беше потпишан во септември од страна на Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд, со цел смирување на тензиите предизвикани за преземање на контролата врз стратешки важниот остров, богат со минерални ресурси, кој има автономен статус во рамките на Кралството Данска.
Документот предвидува проширување на улогата на американската војска во Гренланд, вклучувајќи ја и можноста за изградба на две нови воени бази и распоредување на Трамповиот систем за ракетна одбрана „Златна купола“, а истовремено се потврдува данскиот суверенитет и правото на жителите на Гренланд да одлучуваат за својата иднина.
Белата куќа во јануари соопшти дека Трамп разгледува различни опции за преземање на Гренланд, вклучително и потенцијалното користење на американската војска, што предизвика загриженост кај европските влади и предизвика интензивни дипломатски напори за смирување на ситуацијата.
И покрај потпишаниот договор кој јасно ја задржува сувереноста на Данска и Гренланд, Доналд Трамп во изјава за Fox News тврдеше дека Европа на САД и го подарила Гренланд како „најголемиот подарок досега“ и го опиша како „најдобрата зделка со недвижности во историјата“.
Договорот ќе стапи во сила по ратификацијата од страна на Данска и Гренланд, додека не е потребно одобрение од американскиот Сенат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата