Додедека во Мајами преговараа американска и украинска делегација на средба која, според Украина, била со намера да се добијат нови оружја и поддршка за војната со Русија, американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Путин имале телефоински разговор од најмалку 90 минути!
Според медиумите разговорот бил нагласено пријателски. Трамп му го честитал роденденот на Путин и бил заинтересиран за следни чекори во американско-руската соработка, не само околу нафтата и дериватите туку и пошроко. Се разговарало и за војната во Украина.
Веднаш по тој телефонски разговор Трамп објави дека укинува блокада на руски извоз на дизел гориво за САД и сите други во светот што ја шокирало украинската делегација која добила наредба од Киев - да се повлече и да се прекинат преговорите во Мајами.
Преговорите на украинската делегација со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Мајами завршија пред предвиденото. Вториот ден од разговорите е откажан, објави дописникот на Радио Слободна Европа од Вашингтон, Алекс Рауфоглу.
- Нема да има друг ден. Преговорите во Мајами завршија порано од планираното - рече Рауфоглу.
Американските и украинските претставници разговараа околу осум часа на 9 октомври, со учество на дипломати од европските земји, Европската Унија и НАТО. Во украинската делегација, меѓу другите, беа Кирил Буданов, Рустем Умеров и Давид Арахамија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше на одлуката на Вашингтон, обвинувајќи ја американската администрација дека ги користи преговорите со Киев како покритие за постигнување договор со Москва.
Во разговор за „Аксиос“, Зеленски оцени дека американскиот потег не бил ниту фер ниту праведен, наведувајќи дека неговата делегација не била информирана за време на подготовките за состанокот дека се разгледува укинување на санкциите за рускиот дизел.
Според „Аксиос“, Виткоф и Кушнер ги информирале Украинците за време на состанокот дека Трамп планира да разговара со Путин и да ги ублажи енергетските санкции. Во исто време, американските претставници побараа Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии, поради нивното влијание врз цените на горивата во САД.
Виткоф тврди дека разговорите биле конструктивни
И покрај предвременото завршување на состанокот, специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, ги оценил разговорите како конструктивни.
Според него, делегациите разговарале за можностите за смирување на конфликтот, подготовка за зимата, заштита на енергетската инфраструктура на Украина, извозот на жито и безбедносните гаранции.
Повоената обнова на Украина, нејзините односи со НАТО и пристапувањето кон Европската Унија биле исто така на дневен ред. Виткоф изјавил дека разговорите ѝ помогнале на американската страна да ги одреди следните чекори во контактите со Русија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата