Екипажот на еден трговски брод се води како исчезнат, откако пловното средство потона во Црното Море, во близина на брегот на Бугарија, членка на НАТО, по напад со дрон што премиерот Румен Радев го опиша како грубо кршење на меѓународното право.
Не беше веднаш јасно кој го извршил нападот со воздушни и поморски дронови на околу 70 наутички милји од крајбрежниот град Бјала во источна Бугарија, но постои зголемена загриженост поради хибридните напади од страна на Русија додека таа води војна во Украина.
Извори од секторот за поморски транспорт наведоа дека ова веројатно е прв таков напад во водите на бугарската ексклузивна економска зона.
Радев изјави дека не е јасно дали дроновите дошле од Русија или од Украина, пренесе новинската агенција БТА. Бугарија не граничи ниту со едната ниту со другата земја, но има стратешка позиција во Црното Море, каде што и Украина и Русија имаат големи пристаништа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во своето вечерно видеообраќање, рече дека истрагата спроведена заедно со бугарската морнарица покажала оти зад нападот стои Русија.
„Украинските одбранбени сили не спроведуваа никакви операции во овој дел од морето“, рече тој. „Оваа најнова трагедија со цивилни бродови е продолжение на обидот на Русија да го направи западниот дел на Црното Море целосно небезбеден за пловидба. Нашата морнарица стапи во контакт со колегите во Бугарија и утврди дека станува збор за комбиниран руски напад со употреба на поморски и воздушни беспилотни летала.
Москва не го коментираше инцидентот.
Во нападот биле погодени два брода, изјави Радев во телевизиско обраќање. Екипажот на едниот брод, кој превезувал жито, бил спасен, при што двајца членови се повредени. Другиот брод, кој потонал, пловел под знамето на Того, а неговиот товар не е обелоденет. Не е јасно колку луѓе имало на бродот.
Инцидентот се случил на околу 140 наутички милји од украинскиот брег.
Започната е потрага по исчезнатиот екипаж и проверка за евентуални знаци на закана по животната средина.
Извор од областа на поморската безбедност изјави дека првичните проценки за нападот укажуваат оти веројатно станува збор за руски напад.
Радев не кажа кој стои зад нападот, но се осврна на руската војна во Украина.
„Ако оваа војна не се заврши навреме, таа ќе продолжи да го шири својот географски опсег и да го зголемува ризикот дури и од глобален конфликт“, рече тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата