Македонскиот интернационалец Георг Стојановски не можеше да посака подобар старт на новата сезона во бугарската елитна лига. Напаѓачот на Спартак Варна беше главна фигура на отворањето на шампионатот, постигнувајќи спектакуларен погодок во ремито 2-2 против ЦСКА 1948.
Стојановски во 13. минута го отвори резултатот со гол кој уште сега се вбројува меѓу најубавите на стартот од сезоната. Откако ја прими топката во близина на централниот круг, направи неколку чекори и се одлучи на шут од речиси половина терен. Топката незгодно отскокна пред противничкиот голман, го измами и заврши во мрежата, предизвикувајќи воодушевување на трибините.
Со овој погодок, македонскиот напаѓач не само што му донесе водство на својот тим, туку се запиша и како стрелец на првиот гол во новата сезона од бугарското елитно првенство. Иако Спартак Варна на крајот мораше да се задоволи со бод, настапот на Стојановски беше најкоментираниот момент по натпреварот.
Минатата сезона веќе покажа дека знае да биде лидер кога е најпотребно. Со осум постигнати голови беше најдобар стрелец на Спартак Варна, а новата ја отвори на најдобар можен начин, испраќајќи јасна порака дека повторно ќе биде еден од главните адути на својот тим.
Тоа, впрочем, не е никакво изненадување. Токму Георг Стојановски беше херојот на Спартак Варна и во самиот финиш од минатата сезона, кога со хет-трик во последното коло го спаси клубот од испаѓање. Ако по почетокот се познава сезоната, тогаш младиот македонски напаѓач повторно е подготвен да биде човекот кој ќе ја прави разликата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата