Тешка ноќ зад себе имаат прилепските пожарникари, кои со контра пожар успеале да го прекинат огнениот фронт и да спречат пламените јазици да стигнат до селото Подмоље. Благодарение на нивната брза интервенција, утрово селата Бонче, Подмоље и Лопатица се безбедни, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Пожарната линија која беше видлива од регионалниот пат Прилеп Битола е целосно изгасната, активен е само уште еден крак високо над селото Бонче. Голема благодрност до прилепските пожарникари кои ноќва со контра пожар којшто го правеа над една противпожарна пресека во непосредна близина на село Лопатица, претходно изработена со механизациј успеаја да го прекинат огнот и да не му дозволат да ја премине пресеката и на тој начин да го загрози селото Подмоље“ рече Анеголов.
Тој исто така му се заблагодари и на тимот за Брз одговор на ДЗС, составен од пожарникари од Битола и Кочани кои се качиле високо на ридовите околу селата и ја гаселе со километри долгата огнена линија.
Ангелов вели дека загрижува зголемувањето на температурите околу пладне, поради што на одредени делови огнената линија може да биде реактивирана.
„Но, наша задача е да внимаваме на неа. Овде има пожарникари од Прилеп и исто така се наоѓаат и посадите на двата Пинцгауери кои ќе внимаваат и доколку дојде до реактивирање, да ја изгаснат. Пожарот и од мариовската страна е изгаснат или ставен под целосна контрола. Оптимист сум дека денеска имаме можност да му го зададеме последниот удар па и на мое изненадување целосно да го изгаснеме овој најголем пожар оваа сезона“ рече Ангелов.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата