Македонија одамна го заслужила своето место во Европската Унија, но поради вештачки создадени пречки сè уште не ги започнала преговорите. Оваа порака премиерот Христијан Мицкоски ја испрати од Црна Гора, каде што учествува на Самитот на Берлинскиот процес. Тој ја нагласи важноста од забрзување на евроинтеграциите на Западен Балкан, посочувајќи дека Македонија очекува јасни и силни пораки за својата европска перспектива.
„Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.
Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне, како што кажа, силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција, посочувајќи дека Владата и во иднина ќе продолжи да дејствува во таа насока.
Мицкоски се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи актуелните војни на Блискиот Исток, како и демонстрациите низ Европа.
„Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока“, рече премиерот.
Премиерот изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со, како што кажа, конкретни и плодни резултати.
ЗА ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ВИДЕОТО КЛИКНЕТЕ ТУКА
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.
Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Самитот ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Мерц. Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата