На дополнително прашање од пратеникот на СДСМ, Миле Талески дали ќе поднесе обвинението против премиерот Христијан Мицкоски затоа што на надзорната расправа дал лажен исказ дека владата предводена од СДСМ во 2023 година барала воспоставување деловни односи со Алта Банка, Савески рече доколку од партијата имаат докази за такво нешто да го достават до Обвинителството, додавајќи дека обвинение се поднесува по спроведена истрага
Државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој беше еден од сведоците повикани на надзорната расправа за Алта банка АД Битола во Собранието, не одговори конкретно на прашањата од пратениците на власта и опозицијата за тоа дали институцијата со која раководи отворила или ќе отвори постапка за случувањата околу банката.
Прашањата до Савески дојдоа од пратеникот на СДСМ, Миле Талески и неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски и двете во наративот и ставовите што изминатиот период ги застапуваат двете партии, а кои се дијаметрално спротивни.
Савески на прашања даде идентичен одговор.
„Ги слушнав прашањата и на двајцата пратеници и можам да дадам еден одговор на сите прашања,. А тоа е дека дека без оглед кој го повикува Јавното обвинителството да постапи во конкретна ситуација Јавното обвинителство постапува во секоја ситуација, вклучително и оваа и било која идна, секогаш кога ќе детектира дека постои кривично-правен настан. Доколку детектира кривично-правен настан се утврдува идентитет на сторителот на кривичното дело, за кое кривично дело станува збор, и тоа постапување е основна дејност и надлежност на секој јавен обвинител. Тоа е обврска на секој јавен обвинител“,
рече Савески.
Тој даде забелешка дека во поставувањето на прашањата двајцата пратеници внеле речник, кој тој го оцени како политички, наведувајќи дека тој не може да одговори на истиот начин, бидејќи е легалист и јавен обвинител.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата