37-годишен скопјанец е лишен од слобода по пријава дека измамил 62-годишен сограѓанин за над 7.000 евра, а потоа физички го нападнал и му упатувал закани. Од МВР информираат дека О.С. бил уапсен на 13 август во 13:45 часот од полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје. Случајот бил пријавен во полиција од страна на 62-годишниот скопјанец, а по преземените мерки О.С. бил лишен од слобода.
Претходно, 62-годишниот скопјанец пријавил дека О.С. во неколку наврати го измамил за сума од над 7.000 евра, ветувајќи му дека ќе посредува за царинската документација потребна за внесување патничко возило од странска земја.
Откако ги зел парите, осомничениот почнал да го избегнува оштетениот. Кога 62-годишникот сфатил дека е измамен и ги побарал назад парите, О.С. физички го нападнал и во неколку наврати му упатувал закани.
По целосното документирање на случајот, Единицата за насилен криминал ќе поднесе соодветна кривична пријава
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата