logo
logo
logo

ПЕТ СКЕНЕРОТ ВО ПРЕКИН ПОРАДИ ДЕФЕКТ - Се бара итно решение, пациентите ќе се упатуваат на други дијагностички методи

Vecer | 11.08.2026

ПЕТ СКЕНЕРОТ ВО ПРЕКИН ПОРАДИ ДЕФЕКТ - Се бара итно решение, пациентите ќе се упатуваат на други дијагностички методи

Министерството за здравство потврди дека има моментален застој во работата на ПЕТ/КТ скенерот на Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ) поради дефект. Овластениот сервисер интензивно работи на отстранување на проблемот и повторно ставање на апаратот во функција, а во меѓувреме Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се информирани за понатамошна тријажа на пациентите преку други достапни дијагностички модалитети, со цел да нема прекин во лекувањето.

„Согласно официјалните информации од Институтот, моменталниот застој е предизвикан од технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот. Овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот, а преземени се сите неопходни чекори апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок.

Мора да се укаже дека проблемот произлегува од долгогодишно занемарување – во изминатите години не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години. Оваа состојба е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период,за што актуелното раководство веднаш по констатираната сосотојба презема мерки за надминување на проблемот“, се наведува во соопштението од Министерството.

Оттаму додаваат дека за разлика од претходната пракса на занемарување, актуелното раководство презема конкретни и континуирани чекори за трајно надминување на проблемот – вклучувајќи активности насочени кон набавка на нова опрема, со цел здравствениот систем повеќе да не зависи од еден единствен апарат.

„Свесни сме за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин“, се додава во соопштението од Министерството за здравство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk